Забави за пречек на Новата година ќе бидат организирани во Скопје и во другите градови низ земјава. Музичката програма во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи
Милиони луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови или во семејна атмосфера во домовите ќе ја испратат 2025 и ќе ја пречекаат новата 2026 година.

Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2026 година последни ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд (1 јануари во 13 часот по македонско време).
Тоа значи дека Новата година „патува“ цели 26 часа од првото до последното место на Земјата.
Забави за пречек на Новата година ќе бидат организирани во Скопје и во другите градови низ земјава. Музичката програма во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи.
Празничната програма „Новогодишна зимска бајка“ во Скопје денеска ќе трае цел ден, а ќе кулминира вечер на плоштадот „Македонија“.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги покани скопјани на плоштадот „Македонија“ на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година.
„Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски. Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска. Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева“,
најави Ѓорѓиевски во поканата за прослава на новогодишната ноќ во Скопје.
