Јавниот обвинител побарал од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе решението на надлежните инспекциски служби
Сопственик и управител на угостителски објект во Скопје е осомничен бидејќи го отстранил решението за забрана за вршење дејност, изречено од надлежен инспектор и продолжил со работа, соопштија од Јавното обвинителство на РС Македонија.

Како што информираат оттаму, станува збор за сопственикот и управител на угостителскиот објект „Јужна пруга“, против кого Основното јавно обвинителство Скопје отворило постапка за кривичното дело симнување и оштетување на службен печат или знак, според член 389 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според описот на делото, овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром со решение изрекол забрана за вршење дејност на „Јужна пруга“, што било истакнато и на влезната врата на објектот.
Но, и покрај забраната, сопственикот и управител на угостителскиот објект продолжил со работа и го отстранил решението од објектот, што било констатирано од инспектори по извршена контрола.
„Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побарал од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе решението на надлежните инспекциски служби.
Инаку, според наведениот член 389 став 1 од КЗ, за кривичното дело за кое се гони осомничениот газда на „Јужна пруга“ е предвидена парична или казна затвор до три години.
