На прашањето дали повикот за негово исклучување од партијата го гледа како напад од СДСМ или од лидерот Венко Филипче, Деспотовски повтори дека не се работи за напад од СДСМ туку за атак од поединци кои во моментов управуваат со партијата
Ова не е СДСМ, ова што сега му се случува на СДСМ е срам што му го нанесуваат поединци кои раководат со партијата во моментов. Ова е дел од изјавата на Јован Деспотовски откако неговата матична партија побара Централниот одбор, согласно партискиот статут, да достави барање за негово исклучување од СДСМ.
Во интервју за ТВ Сител, Деспотовски демантира дека имал каква било соработка со владејачката ВМРО-ДПМНЕ која, како што тврдат од СДСМ, има за цел да го дестабилизира Социјалдемократскиот сојуз.

Деспотовски повика СДСМ јавно да ги презентира сите докази за неговата наводна соработка со ВМРО-ДПМНЕ за разнебитување на партијата, а во спротивно најави дека ќе иницира правна постапка во рамки на СДСМ и ќе бара одговоност за јавно искажан збор, за валкање на неговиот образ и за нанесување срам на партијата.
„Ќе ги повикам тие докази да ги објават јавно, да видиме кои се тие фамозни разговори, средби, договарања со кои ВМРО-ДПМНЕ преку Јован Деспотовски ќе ја разнебитува СДСМ. Би почекал да видам кои се тие аргументи и докази за мене и мојата соработка со нашиот политички опонент и секако нема да го оставам тоа така. Нема да дозволам овој срам да и се случува на мојата матична партија. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ има многу поголем капацитет и многу подобро знае дека Јован Деспотовски не е човекот со којшто може да го разнебитува СДСМ“,
изјави Деспотовски.
На прашањето дали повикот за негово исклучување од партијата го гледа како напад од СДСМ или од лидерот Венко Филипче, Деспотовски повтори дека не се работи за напад од СДСМ туку за атак од поединци кои во моментов управуваат со партијата.
„Мојата матична партија не се однесува вака, ова што сега му се случува на СДСМ се поединци кои во моментов раководат со партијата се кријат позади големото име на СДСМ и му нанесуваат штета и срам со сето ова што се случува. Моите сопартијци, другари кои ми се јавија во огромен број изминативе денови за да изразат поддршка, кај повеќето од нив првиот збор беше ‘срам’. Тоа не смее да се случува“,
додаде Деспотовски.
Наместо отворање политички фронт кон власта, додава тој, СДСМ си копа ровови меѓусебе.
