Делото за кое е обвинет и за кое призна вина, С.И. го изврши на 27 јули годинава, кога го уби својот помал брат И.И. на денот на неговиот роденден
Основниот суд во Кавадарци го осуди на доживотен затвор 43-годишниот кавадарчанец С.И. за убиство од користољубие извршено врз сопствениот брат. Делото за кое е обвинет и за кое призна вина, С.И. го изврши на 27 јули годинава, кога го уби својот помал брат И.И. на денот на неговиот роденден.

„На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брата си по главата, а кога оштетениот паднал, уште двапати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди. Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата“,
наведуваат од Обвинителството.
Во следните неколку дена по убиството, како што додаваат од Обвинителството, обвинетиот се враќал во домот на оштетениот за да го прикрие делото, ги бришел крвта од подот и предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал со ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Дополнително, во периодот од 30 јули до 5 август, кога телото било откриено, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението против 43-годишниот С.И. беше поднесено на 28 октомври годинава, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведено во обвинителниот акт.
