Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во „360 степени“ на МРТ 1 беше прашан за пораката од премиерот Христијан Мицкоски до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на тема поскапување на струјата, дека за тоа треба да го праша Марко Бислимоски, чиј брат е член во новиот Извршен одбор на СДСМ

360°: Како ја коментирате опаската на премиерот Христијан Мицкоски, искажана од собраниската говорница на прашање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, зошто поскапе струјата, на што Мицкоски рече: „претпоставувам, треба да му го поставите прашањето на Марко Бислимоски, чиј брат сега ви е соработник во Извршниот одбор на СДСМ, се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене“?
Бислимоски: И порано и сега, а знам дека и во иднина ќе биде така, секој сака да си каже став за цената на електричната енергија. И притоа, кога се носи релативно добра вест, политичарите секогаш се заинтересирани да ја кажат први. Но, кога се носеле тешки одлуки, на пример, кога сме зголемувале цени во текот на енергетската криза, особено во делот на топлинската енергија неколку пати за 10, за 15 проценти, тогаш сите се тргаат настрана и ја оставаат Регулаторната комисија за енергетика. Значи, во едно општество како што е нашето, а и во регионот, а и во европски земји го има тоа, тоа е тоа и апсолутно нема бегање од тоа. Во однос на мојот брат, тој е дипломиран правник, адвокат, си има своја и тоа како успешна кариера. Тоа е негова лична одлука и се надевам дека ќе ја извршува како што замислува и како што посакува.
360°: Ве погоди ли таа опаска?
Бислимоски: Па добро, сега не е пријатно да се слуша за блиски луѓе од фамилијата, и секогаш сум избегнувал, на некој начин сум јавна личност, да не се занимавам со фамилии, со членови на семејства. Едноставно, сакам да зборувам за струката и за тоа што сум назначен. Инаку, по потекло сме од Галичник по татко, по мајка од Лазарополе. Големи фамилии сме и од едната и од другата страна, имаме и специфично презиме и имаме роднини коишто се од различни партии. Се сакаме, се почитуваме, сите роднини, од тој крај сме, од мијачкиот, си уживаме налето и во Галичник и во Лазарополе, и тоа е тоа.
360°: Не дозволувате различната партиска афилијација да ве подели семејно?
Бислимоски: Апсолутно.
