Претседателот на РКЕ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара и дали реакциите од Секретаријатот на Енергетската заедница и од Европската комисија за предвременото разрешување на двајца членови на РКЕ, ја одвратија власта да разреши уште двајца за кои го предложи тоа

Не сум венчан за функцијата, но очекувам да го завршам мандатот до јули 2028 година, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој во јули 2023 година беше реизбран за прв човек на РКЕ со мандат од пет години. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан колку е извесно дека ќе остане на функцијата со оглед на тоа што беше ибран од претходното парламентарно мнозинство, а власта веќе разреши двајца членови пред истекот на мандатот, Бислимоски вели – постапките за разрешување се под опсервација на Секретаријатот на Енергетската заедница и на Европската комисија.
„Регулаторната комисија за енергетика е набљудувач во ACER. Toa е здружение на европските регулатори коешто е формирано со посебна регулатива. Значи таму набљудувачи од целиот регион сме ние и Црна Гора. За да станеме набљудувачи, бевме под сериозен надзор на Секретаријатот на Енергетската заедница и најголемо внимание обрнуваа во делот на функционирањето на независноста на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи мораше да ги исполниме нивните строги критериуми. И токму од тие причини Секретаријатот на Енергетската заедница имаше одредени реакции. И понатаму, како што кажавте и вие, започна постапка првично за разрешување на четири члена, коишто доколку беа сменети сите одеднаш, до назначувањето на новите, Регулаторната комисија за енергетика ќе беше целосно нефункционална бидејќи нашите одлуки ги носиме со мнозинство гласови“,
посочува Бислимоски.
„360 степени“: И затоа се чинеше дека одлуката во првиот наврат да се разрешат само двајца беше тактика, но некако еве се застана со разрешувањето и другите двајца никогаш не стигнаа на дневен ред евентуално да бидат разрешени.
„Во периодот на влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика, од изгласувањето во Собранието, имаше рок од осум дена да влезе во сила по објавувањето во Службен весник. Во тој период беше повторно закажана таа седница, но како што кажавте и вие, оваа точка не дојде на дневен ред, така што и господинот Лирим Сулејмани и господинот Фатон Амбари се се уште членови во Регулаторната комисија за енергетика. Јас можам сѐ најдобро да кажам за нив двајца, имаме одлична соработка како и со останатите членови коишто се сега, и тоа е тоа“,
додава Бислимоски.

Бислимоски вели дека Секретаријатот на Енергетската заедница е доста чувствителен кога е во прашање разрешување членови на регулаторните комисии за енергетика и дека тоа не е само за Македонија.
„Имаше реакции при изборот на нов претседател и нови членови и во Црна Гора пред 6-7 години, имаше и во Молдавија, има одредени забелешки и за Србија, исто така мислам дека имаше и во Босна и Херцеговина. Значи, сакаат тоа што сме го ветиле како држави со потпишувањето на Договорот на основање на Енергетската заедница, да го применуваме во пракса. Ако ги анализирате законите за енергетика со коишто се воспоставуваат регулаторните тела, тие нудат реална и вистинска независност, но особено се внимава сега во последниве 7-8 години како таа независност се имплементира во реалноста и поради тоа не само за Македонија, туку и за сите останати земји од Енергетската заедница, има дел и во извештајот на Секретаријатот на Енергетската заедница и во извештајот на Европската комисија, каде што се потенцира во која насока се движат регулаторните тела“,
вели Бислимоски.
На прашање како сега функционира РКЕ и како се носат одлуките во услови кога четири члена се избрани од претходното парламентарно мнозинство, а тројца од актуелното, Бислимоски вели – најчесто сме едногласни.
„Двајца од новоизбраните тројца се поранешни членови на Регулаторната комисија за енергетика. Во 99% од одлуките коишто ги носиме, сме едногласни. Во однос на цените, работиме по строго определени методологии. За останатите работи, има правилници и во најголем дел тоа што ќе го изработат стручните служби, коишто се високостручни и е многу инвестирано во нив, речиси секогаш се прифаќа при носењето на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика“,
вели претседателот на РКЕ.
