Претседателот на РКЕ вели дека ако се укине надоместокот, цената за „пренос и дистрибуција“ наместо 2,03 денари за киловат-час, би изнесувала 2,6 денари, што би имало сериозно влијание врз сметките за домаќинствата

Од новите членови на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) немало барање за укинување на надоместокот од 200 денари за пристап до елекстродистрибутивниот систем, што е фиксна давачка во секоја сметка за струја, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Прашањето до Бислимоски беше во контекст на ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ во програмата за последните избори за укинување на оваа давачка до крајот на 2024 г., со квалификација дека станува збор за „новоизмислена давачка од страна на Регулаторната комисија за енергетика која секој месец ги оптоварува сметките за струја за дополнителни 200 денари + 18% ДДВ без разлика на потрошеното количество на електрична енергија“.
Но, додава Бислимоски, внатре во РКЕ имало дискусии на оваа тема.
„Нема потреба сиромашните категории на домаќинства, помали фирми коишто немаат можност да стават фотоволтаици, да плаќаат поради тоа што се поставени фотоволтаици кај поголеми компании, кај побогати домаќинства. И апсолутно немам против инвестиции во фотоволтаици, немам против и домаќинствата да инвестираат во поставување фотоволтаици на своите кровови, но направивме една поправична и порамномерна распределба на приходот којшто треба да се обезбеди на компанијата ’Електродистрибуција’“,
кажа претседателот на РКЕ.
Тој рече оти доколку се укине надоместокот, цената за „пренос и дистрибуција“ наместо 2,03 денари за киловат-час, би изнесувала 2,6 денари, што би имало сериозно влијание врз крајната цена.
„Значи, првиот блок некаде ќе се зголеми околу 8,5 проценти, вториот блок седум проценти, тоа се блокови каде што се осумдесетина проценти од потрошувачите, а исто така околу 13 проценти ќе се зголеми евтината тарифа. Да ја расчистиме таа работа, апсолутно не обезбедуваме екстра профит за ’Електродистрибуција’. Значи, во рамките на тоа што е одобрено, само направивме прераспределба. Инаку, трендот во Европа е таков. Во Холандија, на пример, сто проценти е фиксен надоместок, трошеле-не трошеле, за мрежарина плаќате толку колку што е фиксниот надоместок. Во Словенија, сега воведоа пред неколку месеци, 70 проценти од трошокот за мрежарина е фиксен. Тоа го има и во многу земји членки на Европската Унија“,
рече Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика рече и дека тоа се случува поради фактот што се изградени голем број фотоволтаични централи, со што се намалил преносот на електрична енергија, пред сè низ дистрибутивната мрежа.
