Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во моментов имаат средба на Флорида на која се разговара за планот за ставање крај на четиригодишната војна во Украина. Трамп и Зеленски дадоа изјави и разговараа со новинарите пред средбата. Рекоа дека теми ќе бидат безбедноста, економијата и евентуалното завршување на војната, нагласувајќи дека нивните тимови се согласиле за околу 90 проценти од точките од планот од 20 точки

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот од средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Флорида изјави дека верува оти разговорите за завршување на војната во Украина се во завршна фаза.
Овој коментар на Трамп следуваше по претходно одржаниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за кого Трамп рече дека е многу сериозен во врска со завршувањето на војната.
„Ќе го повикам и претседателот Путин по средбата (со Зеленски) и ќе ги продолжиме преговорите“,
рече Трамп.
Зеленски и Трамп дадоа изјави и разговараа со новинарите непосредно пред почетокот на средбата. Рекоа дека теми ќе бидат безбедноста, економијата и евентуалното завршување на војната, нагласувајќи дека нивните тимови се согласиле за околу 90 проценти од точките од планот од 20 точки.
Засега не сакаа јавно да коментираат за можните територијални отстапки, но беше нагласено дека Украина има големи економски потреби и значаен потенцијал за реконструкција и инвестиции.
Зборувајќи за неодамнешните експлозии во Русија, Трамп рече дека не знае кој стои зад нив и дека не разговарал за тоа со Путин. Тој оцени дека САД се во најдобрата фаза од преговорите досега и изрази верување дека има простор за договор што би донел стабилност во Украина и Русија на долг рок.
