„Доколку кој било надлежен орган утврди каков било конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, ги повикуваме надлежните да постапат согласно законската норматива. Во спротивно, секој го има демократското право да води сопствен бизнис и да учествува на јавните конкурси“, велат од ЗНАМ

Од Движењето ЗНАМ реагираа на денешните обвинувања од опозицискиот СДСМ дека фирма поврзана со ЗНАМ добила тендер од 1,2 милион евра од Пошта на Северна Македонија.
Од ЗНАМ велат дека Движењето нема никакво партиско-политичко влијание во ниту една таква постапка.
„Точно е дека господинот Сашо Петровски беше носител на советничката листа за Општина Кисела Вода, но не е носител на каква било партиска функција. Тој е приватен стопанственик кој долги години се занимава со бизнис за одржување на хигиеничарски услуги во приватниот сектор и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции“,
соопшти ЗНАМ.
Оттаму додаваат дека за конкретниот случај не сакаат да навлегуваат во материјална дискусија.
„Доколку кој било надлежен орган утврди каков било конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, ги повикуваме надлежните да постапат согласно законската норматива. Во спротивно, секој го има демократското право да води сопствен бизнис и да учествува на јавните конкурси. Движењето ЗНАМ се оградува од било каква инволвираност во ваквите случаи“,
додаваат од ЗНАМ.
