Во моментот на аплицирање, како што посочија од СДСМ, оваа фирма не ги исполнувала основните услови наведени во тендерската документација
СДСМ денеска објави нова „бомба“ поврзан со тендери, а како што посочија, доказите стигнале до нив од свиркачи преку платформата МИЦКО.мк.

„Денеска објавуваме нова бомба, нов скандал! Повторно со тендери, милионски, криминални. Фактите и доказите коишто денеска ги објавуваме пристигнаа до нас од свиркачи преку платформата МИЦКО.мк. Граѓаните ни се приклучија, заедно ја водиме борбата против криминалот и корупцијата. И како што кажавме, нема да престанеме! Одиме по ред. Фирмата БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер во вредност од 1,2 милиони евра од Пошта на Северна Македонија. Договор што го склучила е за чистење и одржување на хигиена. Фирма без работници, без претходно реализирани договори, без искуство“,
изјави на денешната прес-конференција Рената Младеновска од Извршниот одбор на СДСМ.
Во моментот на аплицирање, како што додаде таа, оваа фирма не ги исполнувала основните услови наведени во тендерската документација.
„Немала минимум три претходни договори за хигиенско одржување, немала најмалку 50 вработени, не остварувала годишен приход од најмалку 100 000 евра во последните три години. Па дури и немале техничка опрема. И покрај овие недостатоци, фирмата сепак била избрана. Како? Со тоа што во групната понуда се појавува подизведувачот „Серта“, компанија со долгогодишно искуство во областа на хигиената. Сомнително? Само дваесетина дена откако фирмата го добива милионскиот тендер од Пошти, на 24 ноември 2025 година, нов сопственик станува Сашо Петровски. Како фирмата да била основана исклучиво за да го добие тендерот. Сопственикот се менува непосредно по изборот на тендерот. Но, извесен Сашо Петровски е советник од ЗНАМ во Општина Кисела Вода. Дали е истото лице што мислите? Фирма поврзата со ЗНАМ“,
изјави Младеновска.
Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ си делат милионски тендери додека нема пари за плати, пензии и минимална плата.
„АКТ продолжува со откривање на сите скандали, на сите криминални тендери за испумпување на парите на граѓаните. Нема да запреме! Борбата против криминалот и корупцијата продолжува! Сите ќе одговарате. Работата не е завршена!“,
порача Младеновска.
