Координаторите на пратеничките групи, како што рече Гаши, се согласиле Изборниот законик да биде донесен со консензус, но не прецизираше која е временската рамка за негово носење

Првата средба на претставниците на парламентарните партии и експертите посветена на Изборниот законик ќе се одржи во втората половина на јануари. Ова го најави претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за МИА, по вчерашната координација на пратеничките групи со министерот за правда, Игор Филков.
Според Гаши, координацијата била свикана на барање на Министерството за правда од каде ги информирале дека е во завршна фаза подготовката на текстот на Изборниот законик.
Координаторите на пратеничките групи, како што рече Гаши, се согласиле Изборниот законик да биде донесен со консензус, но не прецизираше која е временската рамка за негово носење.
„Разговаравме околу составот на групата кој ќе учествува, кој формат каде би се одвивале разговорите итн. Сепак затоа што Министерството за правда е предводник на овој процес и тие го предлагаат законот, тие ќе ги повикаат политичките партии да предложат по двајца претставници, но не само тие што се организирани во пратенички групи и тие што не се организирани во пратенички групи, како и независните пратеници“,
вели Гаши.
Гаши вели дека штом ќе го добијат предложениот текст, ќе знаат дали се работи за целосно нов закон или за измени и во кој правец се тие.
„Потоа партиите ќе ги дадат своите забелешки за да дојдеме до заедничко решение“,
додава тој.
Иако претседателот на Собранието не прецизира точна временска рамка за конечно усвојување на законот, тој нагласи дека идејата е да се работи со зголемена динамика. Процесот треба да започне веднаш по празниците, со цел што побрзо и поквалитетно усогласување на ставовите.
