Тој додава дека експерти веќе работат на временската и финансиската рамка и оти тие ќе треба да кажат каде треба да се инвестира

Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ би можела да стане новиот Клинички центар на Скопје. Ова го најави министерот за здравство, Азир Алиу, истакнувајќи дека оваа локација е едно од сериозните решенија кои се разгледуваат за модернизација на терциерното здравство.
Според министерот Алиу, постојат клучни фактори што ја прават оваа болница соодветен избор.
Како што вели Алиу, објектот е цврста градба и ги задоволува сите услови кои мора да ги има една ваква институција – има одлична инфраструктура и локацијата е веќе поврзана со два големи булевари, што овозможува брз пристап. Исто така, има слободен простор за градење на дополнителна нова инфраструктура во околината.
„Продолжуваме со идејата дека мора да има нов клинички центар. Ценам дека побрзо и поевтино ќе дојдеме до нов Клинички центар“,
вели Алиу.
Тој додава дека експерти веќе работат на временската и финансиската рамка и оти тие ќе треба да кажат каде треба да се инвестира.
Министерот рече дека се размислува и за тоа што ќе биде со вработените во ГОБ „8 Септември“, но и дека се прават анализи за условитешто треба да бидат задоволени.
„Креирање на нов клинички центар надвор од постоечкиот има и услови кои треба да бидат задоволени. Да не заборавиме дека дел од Клиничкиот центар е и Медицинскиот, Фармацевтскиот и Стоматолошкиот факултет. Сите тие предизвици и секундарното здравство кое во моментов е во ГОБ ‘8 Септември’ ги анализираме. Таа постапка на дефинирање каде ќе биде новиот клинички центар не е едноставна. Дефинитивно размислуваме и за секундарното здравство и за услугите кои ги нуди институцијата“,
додаде Алиу.
Одлуката за тоа каде дефинитивно ќе се инвестира во нов Клинички центар се очекува да биде соопштена во првиот квартал од 2026 година.
Дека локацијата каде што се наоѓа Градската општа болница „8 Септември“, поранешна Воена болница, е најдобра за нов клинички центар, особено поради добрата сообраќајна инфраструктура, минатиот месец кажа и премиерот Христијан Мицкоски.
