Од вкупно 13 општински фирми во земјава чија примарна дејност е организација и наплата на паркирањето на јавни површини, дури 8 оствариле негативни финански резултати во 2024 година
Дел од нив загубата ја оправдуваат со реконструкција на најдоходовните улици, други со зголемување на минималната плата или, пак, фактот што „на грб“ им е ставена уште некоја дејност – како управување со базени или други спортски објекти. Од Центарот за граѓански комуникации, кои се автори на истражувањето, велат се е до лошото менаџирање
Сообраќајниот хаос е секојдневие во Куманово. Непрописно паркирани возила, подзастанување на булевар и тротоар. Вината, сепак, не може да се припише единствено кај несовесните возачи. Недостасуваат паркинг места.
На јавните паркиралишта низ градот има околу 550 места. Со нив стопанисува Јавното претпријатие Паркинг – Куманово. Директорот на претпријатието Андреја Маџовски вели дека е свесен за недостатокот на места за паркирањето. Во програмата за работа за идната година вели дека предвиделе зголемување за околу 600 нови паркинг места.

Веќе се работи на нови проекти коишто се до крајот на овој месец се очекува да се завршат и реализацијата да почне после новогодишните празници, а тоа е, односно, Б-зона за паркирање во град Куманово. Очекуваме да се заврши тоа до средина на јануари и паралелно припремаме нови проекти за споредни улици каде што може да се направат нови Б-зони за паркирање.
Причината поради која дојдовме во Куманово е сознанието од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации дека оваа општинска паркинг фирма работи со загуби. Маџовски, вели, воведувањето нови зони и други планирани мерки се во насока на зголемување на приходите на претпријатието.

Цените во нашето претпријатие, односно услугата за наплата за паркирање од еден час е 30 денари, каде што во тие 30 денари идат 5-6 денари за ДДВ, другите одат за такса према Општината и третите одат за користење на услугите за софтверот за самото паркирање. Исто така и во делот на пајак службата, цената од самото формирање на јавното претпријатие, којашто е поставена од казна за товарање на возило од место на носење на депо е 2,000 денари. Иста е и таа цена, нема ништо покачено, а кога ќе погледнеме другите сите трошоци, како што се платите, трошоци за горива, трошоци за реагенси и така натаму, сè е покачено.
Приходите кои ги достигнале за 2025 година, односно во првите 9 месеци изнесуваат околу 685 илјади евра. Последните податоци на претпријатието покажуваат дека годинава ќе ја завршат со минус од 105 илјади евра.

Освен замрзнатите цени и малиот број паркинг места, директорот Маџовски вели дека има и други причини за загубите.
Преземање на Затворениот градски базен према Јавното претпријатие ‘Куманово-паркинг’. Од тој момент, бидејќи има голема потрошувачка на електрична енергија, доаѓа во ситуација да трошоците за тие вработени коишто се дополнителни на претпријатието, околу 20 вработени, носат нов товар и електрична енергија и реагенси за одржување на самиот базен. Причината, не само што го спомнав Градскиот базен од 2022 година, разлогот е и самото покачување од колективни договори коишто ги има за минимална плата секоја година.
Финансиската состојба во јавното претпријатие за паркирање во Куманово не само што не е исклучок, туку е повеќе правило кога станува збор за општинските фирми за паркирање во земјава.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, од 13 вакви претпријатија, осум работеле со загуба во 2024 година. Најголеми загуби бележи тетовското претпријатие околу 113 илјади евра, а веднаш по него е кумановското со околу 87 илјади евра загуби. Потоа следат, битолското, велешкото,струмичкото, неготинското, дојранското и чаирското.

Со добивка работело гостиварското претпријатие, кавадаречкото, охридското, ПОЦ и ЈП Градски паркинг Скопје кои имаат највисоки – половина милион евра добивка за 2024 година.
Истите прашања кои ги поставивме во Куманово, ги упативме и до ЈП Паркинзи Тетово кои се со најголем минус во 2024. Како е можно претпријатие надлежно единствено за стопанисување со јавни паркиралишта да бележи загуби во работењето?

Директорот Мирко Мартиновски вели дека финансиската ситуација не е иста секоја година. Признава дека последнава иако ги зголемиле приходите, сепак на контото се во минус.
Мартиновски: Има повеќе фактори за таа загуба, главната причина за загубата на претпријатието во 2024-та е што почнати се да се реконструираат главните улици во централното градско подрачје, каде што имаме најголем број на паркинг места кои се на „А зона“, кои се плаќаат со порака и кој е нашиот главен приход на претпријатието.
„360 степени“: За колку паркинг места зборуваме?
Мартиновски: Па, од 300 до 350 паркинг места што не ни се во функција. Значи што се почнати со реконструкција, што уште и се довршуваат. Еве чекаме до крајот на годината да се пуштат, за едно две недели ќе се пушти дел од таа реконструирана улица.
„360 степени“: Споменавте имате податоци, колку се тие загуби само од овие паркинг места?
Мартиновски: Имаме податоци, ние водиме евиденција и анализа. Па над четири милиони денари се загуби само од еден дел, од една зона на паркингот што стопанисуваме. Годишно. Тоа е четири милиони годишни од една зона, значи ние имаме повеќе зони.

Мартиновски вели дека и покрај неповолната финансиска состојба во последните три години, во 2022 успеале да го „издигнат претпријатието“ и да ја завршат годината со добивка од која набавиле три нови возила. Иако 2025 се очекува да ја завршат повторно во минус, за следната година прават план за подобрување на работењето.
Со самото зголемување на претпријатието, со нови улици, со стопанисување, тогаш може да очекуваме поголеми приноси. Сега имаме програма за 2025-та година каде што би го зголемиле и бројот на паркинг места. Прво тоа е основната работа, значи за да им помогнеме на граѓаните. Значи сакаме прво овие паркинзи што служат за граѓаните како за станарите – значи со нив прво ако се среди, после ќе се избегне хаосот во градот и ќе си функционира претпријатието попозитивно.

За нас беше најинтересно како е можно општински фирми за паркинг да работат со загуба, но истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека такви се и повеќето други.
Од 128 јавни претпријатија, 71 ја завршиле минатата година со минус. Прв на листата загубари е скопски Водовод со околу 4,2 милиони евра. По него следува ЈП Улици и патишта Скопје со повеќе од 2,6 милиони евра загуба и трето место е Комунална хигиена со околу 1,2 милиони евра во минус.

Вкупно, загубите на сите општински јавни претпријатија во земјава за 2024 година изнесувале 17,4 милиони евра.
Најголемите слабости, според Герман Филков од ЦГК, лежат во управувањето и раководењето со претпријатијата.
Законот вели дека на шест месеци директорот треба да поднесе извештај ако претпријатието работи во загуби, со план како во наредните шест месеци ќе се надминат тие загуби, односно тоа лошо финансиско работење. Прво, не сме виделе таков извештај. А понатаму законот повторно вели: ако тоа не се случи, ако нема таков извештај или ако претпријатието и по тој план, шест месеци повторно работи со загуба – дека треба да биде разрешен директорот. И тоа не сме виделе, дека некој директор е разрешен поради оваа основа.

Друг голем фактор во негативниот биланс според Филков, е превработеноста во локалните претпријатија.
Никој за време на локалните избори не зборува за јавните претпријатија, а од друга страна овие јавни претпријатија, сите заедно, вработуваат 12.000 луѓе. Многу повеќе, речиси двојно, отколку што вработуваат сите општини заедно. Така што станува збор за голем проблем, голем потенцијал, но од друга страна мислам дека со ставањето ред и со поефикасни услуги, дека и самите општини ќе имаат корист од тоа.
Центарот за граѓански комуникации направи слично истражување и пред две години. Споредбата на податоци покажува дека загубите се зголемени за дури 56% и дека се зголемил бројот на општински јавни претпријатија кои работат со загуби, од 54 на 71.
Пред крајот на 2025 година, речиси извесно е дека податоците за оваа година ќе бидат уште полоши.
