Одлуката, според Комисијата, е донесена по анализата на петдневни податоци од УХМР, кои укажуваат на невообичаено ниски температури за овој период од годината и се однесува на компаниите „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ енергетика“ и „Енерџи еколинк“ (поранешна Топлана Скопје Север), кои се задолжени да продолжат со испорака на топлинска енергија во наредните два дена
Од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска информираат дека иако грејната сезона официјално завршува на 30 април, поради ниските температури за овој период, испораката на топлинска енергија ќе продолжи и во следните два дена, односно и на 1 и 2 мај.

Како што наведуваат од РКЕ, врз основа на Законот за енергетика и добиените податоци од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), е донесена одлука за продолжување на снабдувањето со топлинска енергија со цел заштита на потрошувачите и обезбедување континуирана услуга.
Одлуката, според РКЕ, е донесена по анализата на петдневни податоци од УХМР, кои укажуваат на невообичаено ниски температури за овој период од годината и се однесува на компаниите „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ енергетика“ и „Енерџи еколинк“ (поранешна Топлана Скопје Север), кои се задолжени да продолжат со испорака на топлинска енергија во наредните два дена.
„Целта е достигнување високи стандарди во исполнување на јавната услуга снабдување со топлинска енергија за греење“,
се вели во соопштението од Комисијата.
Според прогнозата на синоптичарите, времето денеска ќе биде променливо облачно и свежо со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни. На планините се очекуваат врнежи од снег поради продор на постуден воздух од север. Ќе дува и умерен до засилен северен ветер, кој може да достигне и над 60 километри на час.
Максималната температура ќе се движи од 10 до 18 степени.
Во наредните денови се очекува дополнително заладување, при што утринската температура на одделни места ќе се спушти и под нула степени.
