Министерот за внатрешни работи на Турција соопшти дека остатоците од авионот биле пронајдени на околу 50 километри југоисточно од турската престолнина
Началникот на генералштабот на армијата на Либија, Мохамед Али Ахмед ал-Хадад загина во авионска несреќа што се случила кратко по полетувањето од главниот град на Турција, Анкара, соопштија либиските власти, пренесуваат светските медиуми.

Покрај генералот Мохамед Али Ахмед ал-Хадад во авионот „Фалкон 50“ биле уште четворица членови на неговата придружба, потврди вечерва премиерот на меѓународно признатата влада на Либија.
Во објава на платформата Икс, турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека радио-контактот со авионот бил изгубен во 20:52 часот по локално време (18:52 по средноевропско време), околу 42 минути откако полетал од аеродромот во Анкара.
Јерликаја потоа објави дека остатоците од авионот биле пронајдени на околу 50 километри југоисточно од турската престолнина.
„Остатоците од авионот што полета од аеродромот Анкара-Есенбога кон Триполи беа пронајдени од нашите полициски сили на два километри јужно од селото Кешикавак, во округот Хајмана, околу 50 километри југоисточно од турската престолнина“,
објави турскиот министер за внатрешни работи.
Тој навел дека авионот побарал итно слетување додека бил над областа Хајмана, но потоа изгубил контакт.
🚨 Libya’s Tripoli-based government confirms death of army chief, 4 aides after their plane lost contact over Ankara countryside
— Anadolu English (@anadoluagency) December 23, 2025
◾️ Wreckage of Tripoli-bound private jet carrying Libyan army chief is found south of Haymana near Ankara
✈︎ Falcon 50 jet loses contact after… pic.twitter.com/vTkLs8SLiB
Турското Министерство за одбрана објави дека началникот на Генералштабот на либиската армија се сретнал со турскиот министер за одбрана Јасар Ѓулер и неговиот турски колега Селџук Бајрактароглу, како и со други високи претставници на турската армија.
Премиерот на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, Абдул Хамид Дбеибе, изјавил дека ја примил веста за смртта на генералот Хадад и други високи либиски воени функционери кои биле во авионот, пренесе Би-би-си.
Либискиот премиер рекол дека погибијата на генералот е голема загуба за нацијата, додавајќи дека земјата изгубила луѓе кои ѝ служеле со искреност и посветеност“.
Генералот Хадад и неговиот тим беа во Турција на разговори насочени кон понатамошно зајакнување на воената и безбедносната соработка меѓу двете земји.
