За нова портпаролка на ДУИ е назначена, потпретседателката на партијата Арта Биљали-Зендели, а советник на Али Ахмети за односи со Соединетите Американски Држави (САД) ќе биде Шемседин С. Бекири
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска попладне го одржала првиот состанок на претседателството на Генералниот совет на партијата на кој бил разгледан и одобрен деловникот за работа, како основен акт за работењето, координацијата и донесувањето одлуки на ова тело.

Состанокот, кој доаѓа по 5. конгрес на партијата што се одржа во саботата, бил свикан од претседателот на партијата, Али Ахмети, и на него како што информираат од ДУИ, биле донесени важни одлуки во врска со организацијата на секретаријатите, како и партиската структура на интегративиците.
Така, за шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ е назначен Фатон Ахмети, додека портпарол на партијата ќе биде Арта Биљали-Зендели.
Советник на Али Ахмети за односи со Соединетите Американски Држави (САД) ќе биде Шемседин С. Бекири, а на состанокот се назначени и претседатели на ограноците на ДУИ во Тетово, Куманово, Гостивар, Струга и Чаир.
„Во согласност со одредбите на статутот што го усвоивме на конгресот во саботата, именувани се и претседатели на ограноците на ДУИ. За Тетово е именуван Бајрам Реџепи, за Куманово – Ридван Асани, за Струга – Фатон Положани, за Гостивар – Валдет Џафери и за огранокот во Чаир – д-р Бујар Османи“,
изјави по седницата новата портпаролка на ДУИ, Арта Биљали-Зендели.

Лидерот на ДУИ, како што се наведува во соопштението од партијата, дал насоки на сите назначени претседатели на ограноците за извршување на програмските и статутарните должности за организирање и консолидирање на другите тела од партиската структура.
„Демократската унија за интеграција останува посветена на зајакнување на внатрешните организациски структури и унапредување на реформите насочени кон зголемување на политичката и институционалната ефикасност на партијата“,
се наведува во соопштението.
На партискиот конгрес во саботата Али Ахмети ја доби довербата од мнозинството делегати да ја води партијата во уште еден мандат.
На конгресот за нов генерален секретар на ДУИ беше избран досегашниот потпретседател на партијата, Арбер Адеми, додека Фатон Ахмети кој досега ја извршуваше функцијата генсек, ќе биде еден од потпретседателите на интегративците.
Потпретседател на партијата останува и Бујар Османи, кој беше кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори, но загуби од Изет Меџити од ВЛЕН. За потпретседатели беа избрани и Еркан Арифи, Арбана Пашоли и Арта Биљали-Зендели.
Поранешниот државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи е нов организациски секретар на партијата, а Арбеша Влаши секретар за еднакви можности.
