Членката на Советот, Кети Петкова, во своето образложение за предлогот за изборот на Тополова-Исајловска рече дека станува збор за професионално и принципиелно решение, со оглед на тоа дека таа во континуитет ја извршувала финкцијата заменик-републички јавен обвинител и му била заменик на Љупчо Коцевски, како и на неговиот претходник Љубомир Јовески
Анита Тополова-Исајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител откако претходниот, Љупчо Коцевски си поднесе неотповиклива оставка. Одлуката е донесена едногласно на денешната седница на Советот на јавни обвинители, на која таа беше единствен предложен кандидат.

Изборот на в.д. државен јавен обвинител првично беше закажан за 19 декември, но беше одложен поради оправдано отсуство на членката на Советот, Јелена Догазанска-Колева, со цел одлуката да бие донесена во полн состав на ова тело.

Членката на Советот, Кети Петкова, во своето образложение за предлогот за изборот на Тополова-Исајловска рече дека станува збор за професионално и принципиелно решение, со оглед на тоа дека таа во континуитет ја извршувала функцијата заменик-републички јавен обвинител.
Тополова-Исајловска била заменик на Љупчо Коцевски, на неговиот претходник Љубомир Јовески, како и на тој пред него, Марко Зврлевски.
„Во континуитет од 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја обавува должноста, оти не само што го познава целото обвинителство, туку тоа е и принципиелно решение“,
кажа Петкова.
На седницата на Советот посочи дека Тополова-Исајловска ќе ја извршуваа оваа функција до именувањето нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
Името на обвинителката Анита Тополова-Исајловска се споменуваше минатата година кога како јавна обвинителка во Републичкото јавно обвинителство од Врховниот суд бараше да падне обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Талир“.
Според неа, 106 снимки од прислушуваните разговори не треба да се третираат како докази во судскиот процес затоа што актуелниот Закон за јавно обвинителство предвидува тие да послужат само како индиции за обвиненијата поднесени по 30 јуни 2017 година. Обвинението за „Талир“ е поднесено во ноември 2018 година.
Таа во јуни 2024 година го потпишала барањето за вонреден правен лек (барање за заштита на законитоста) за предметот „Талир“, по иницијатива на еден од обвинетите во него.
Според ставот 4 од членот 25 на Законот за јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тој што ќе биде определен функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Доскорешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски минатата недела на прес-конференција соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата. Коцевски за одлуката информира во очи собраниската седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување од функцијата.
Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.
Наведе дека негово разрешување се барало не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, според него, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет, за што одлучува Владата. Во тој контекст, тој посочи на последниот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој најголема критика, како што кажа, беа политичките притисоци врз правосудството, кои ја парализираат борбата со корупцијата.
Постапката за избор на нов јавен обвинител започнува со оглас што го распишува Собранието, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“.
Кандидатите мораат да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавни обвинители за сите кандидати, кој е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена.
Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
