Според Јавното обвинителството, тие како сопственици и управители на фирма од Скопје што се занимавала со трговија на златен накит, златни прачки и необработено сребро, давале лажни податоци за персоналниот данок на доход и данокот на додадена вредност или воопшто не ги пријавувале ваквите обврски
Скопското Основното јавно обвинителство отвори истрага против две лица за кои постои основано сомневање дека подолг период затајувале данок од бизнисот со златен накит.

Истрагата е отворена по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, а осомничените се товарат дека за период од пет години, односно од почетокот на 2020 до крајот на 2024 година, затаиле данок во вкупен износ од 64 924 298 денари или повеќе од еден милион евра, сума за која го оштетиле и буџетот на државата.
Според Јавното обвинителството, тие како сопственици и управители на фирма од Скопје што се занимавала со трговија на златен накит, златни прачки и необработено сребро, давале лажни податоци за персоналниот данок на доход и данокот на додадена вредност или воопшто не ги пријавувале ваквите обврски.
„Двајцата, во својство на сопственици и управители на правно лице од Скопје, со намера да избегнат целосно плаќање на персонален данок на доход од 11,11% и данок на додадена вредност од 18% на кои биле обврзани со закон, дале лажни податоци или воопшто не пријавиле факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски, па поради тоа дошло до неутврдување на даночната обврска“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Поради опасност од бегство, повторување на делото или влијание врз сведоци, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на двајцата осомничени да им биде одредена мерка притвор.
Во овој контекст, јавниот обвинител ја зел предвид и тежината на кривичното дело што им се става на товар и висината на стекната имотна корист.
Инаку, двајцата осомничени се товарат за кривичното дело даночно затајување, предвидено во член 279 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик (КЗ).
