На почетокот на летото уставната судијка Елизабета Дуковска остана без функцијата откако, за првпат во историјата на правосудството во земјата, Управниот суд поништи акт на Собранието за нечиј избор. Не беа спорни нејзините квалификации, туку постапката на органот што ја утврди како предлог – Судскиот совет. Имаше тројца кандидати, името на Дуковска беше прво на гласање и откако доби мнозинство, Судскиот совет не продолжи со изјаснување за останатите двајца.
Поминаа повеќе од шест месеци, столчето за уставен судија и натаму е празно, а Судскиот совет е исправено пред дилемата – како да постапи? Паралелно, и Елизабета Дуковска е упорна во намерата да ги бара сите права кои сметаат дека ѝ следуваа и ѝ следуваат
Јавноста можеби ја заборави, но пресудата со која Управниот суд го поништи актот на Собранието за избор на Елизабета Дуковска за уставна судијка и натаму ја бранува судската власт. Делумно поради сомнежот дека пресудата е пишувана „од надвор“.
„Кога ја погледнав пресудата па почнав и јас да се сомневам да ви кажам дали е работена во АКМИС – СИСТЕМОТ. Во АМКИС-системот пресуда кога ќе куца…Најгоре на образецот, бидејќи е пресуда секогаш стои во името на граѓаните на Северна Македонија. Во оваа пресуда не содржи такво нешто, заради што судиите веднаш донеле решение за исправка“,
кажа Дуковска во гостување на емисијата „360 Степени“, на 9 јуни годинава.
Иако пресудата на Управен се однесуваше на актот на Собранието, во неа се проблематизираше начинот на кој Судскиот совет ја утврдил Дуковска за кандидатка. Тоа уште летоска отвори повеќе дилеми, на пример – како сега Судскиот совет ќе бира кандидат за испразнетото место во Уставен?
„Мислам дека под итно нашиот Деловник треба да содржи одредби во кои поблиску ќе го уреди начинот на кој ние ќе предлагаме до Собранието уставни судии. Затоа што, во моментов, ние немаме ништо во Деловникот“,
кажа претседателот на Судски совет, Александар Камбовски во емисијата „360 степени“, на 23 јуни.
Сигналите од Судскиот совет се дека членовите се двоумат – дали да се прегласува за истите кандидати или да се оди на јавен повик.
„Мислам дека сме пред усогласување на тие различни мислења за да може да го ставиме како точка на дневен ред“,
изјави Камбовски на почетокот на декември.
Кој, како и кога ќе седне во испразнетото столче во Уставниот суд наменето за предлог на Судскиот совет?
Веќе половина година Елизабета Дуковска не е уставна судијка, но исто толкав период е судијка во судот од кој дојде – скопска Апелација. Изминатото време воопшто не ја колеба да расчисти до крај – како стана првата „одјавена“ уставна судијка. И ден-денес ги бара, според неа, правните празнини во постапката која заврши со поништување на одлуката за нејзин избор.
Дуковска беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Шест месеци подоцна стигна тужба до Управниот суд од судијката Антоанета Димовска. Таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврди Дуковска како предлог за уставен судија, инаку со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца кандидати, меѓу кои и Димовска.

Тужителката де факто ја спорела процедурата пред Судски совет, толкува Дуковска, а поништен е акт на Собрание.
Дуковска: Одлуката на Собранието е правилна, во целост постапката е спроведена правилно и никаде ни во одлуката на Управниот суд со која е поништена одлуката на Собранието, не вика дека таа постапка е неправилно спроведена. Него цело време ја цени постапката пред Судскиот совет на Република Северна Македонија.
„360 Степени“: Сметате дека тужителката требала уште во прва фаза во самиот Судски совет да реагира?
Дуковска: Точно… Укажувам, значи посебно дека се работи за две посебни постапки. Една постапка пред Судскиот совет којашто треба да биде обжалена, и втора постапка којашто е спроведена пред Собранието. Таа постапка во ниту еден момент не е оспорена од никого, ниту пак е констатирана некаква неправилност. А истата е поништена. Одлуката на Собранието е поништена.

Во тој контекст, додава Дуковска, постои и спротивна судска пракса на истиот Управен суд, кој во 2022 отфрлил тужба за поништување на одлука на Собранието.
Дуковска: Таков став Управниот суд има изнесено и во пресудата, односно во решението по тужбата на тужителот Владо Мицковски од Кичево, која е отфрлена тужба, бидејќи вика дека не може да се бара огласување на ништовност на одлука на Собрание на Република Северна Македонија, а се спори постапка пред Судскиот совет. Таа одлука е правосилна. И мислам дека овдека, во овој случај и управните судии, значи ваква незаконитост е недозволена за управните судии, па и за Вишиот управен суд којшто не се позанимавал со тоа кои биле претходните напатствија, во претходното решение, па да цени дали треба да дозволи жалба против пресудата или не.
„360 Степени“: Вашата жалба е отфрлена?
Дуковска: Да, како недозволена, да, од Вишиот управен суд.
Трето, судијката Дуковска смета дека пресудата на Управен е неизвршна.
„Во Законот за извршување, според кој се извршуваат и управните пресуди, пишува што треба да содржи една извршна исправа. Значи: доверител, должник, задолжение и во кој рок треба да се постапи. Во случајов, во пресудата пишува дека се поништува одлуката на Собранието за мојот избор и нема никакво задолжение, ниту рок за постапување. Со тоа, значи ваквата пресуда е неподобна за извршување. Заради тоа го дадов предлогот до Судскиот совет, со кој велам дека при состојба кога пресудата е неподобна за извршување, треба да се достави само известување до Управниот суд, до Собранието, а и до мене, дека оваа пресуда е неподобна за извршување и не може да се изврши“,
вели Елизабета Дуковска, поранешна уставна судијка, а сега судијка во Апелационен суд Скопје.
Сите овие аргументи, Елизабета Дуковска ги образложила писмено и ги поднела официјално, во форма на барање, до членовите на Судскиот совет. Од октомври чека став.
„360 Степени“: Во неколку јавни настапи претседателот на Судскиот совет, господинот Камбовски, вели дека сè уште нема консензус во Судскиот совет што да се прави во овој случај? Дали да се повтори постапката со тројцата кандидати од кои еден сте вие, или пак да се распише сосема нов оглас кој би бил јавен, отворен за сите заинтересирани? Што би значело и некаква измена на Деловникот. Како го коментирате ова?
Дуковска: Гледате дека моето барање воопшто никој не ни помислува да го одговори?! Третата опција никој не ја спомнува, оваа јас што ја предлагам. Претседателот на Судскиот совет е судија на Апелационен суд Битола и тоа сигурно го знае – дека неподобна исправа за извршување не може да се изврши. Меѓутоа, еве и понатаму се продолжува со вакви изјави. Значи јас и во првото интервју кога го дадов, кажав: мојот предлог е правосилен и конечен. Значи треба да земат сега да го поништат, па после тоа да одат со некои нови постапки. Не може повторно да гласаат за мене, бидејќи мојот предлог е правосилен и конечен и одобрен е од Собранието. Не знам јас они како мислат тоа да го спроведат. Меѓутоа, јас си имам правни лекови доколку нешто од тоа се превземе, ќе си терам со моите правни лекови, па Стразбур ќе каже на крај.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во јавни настапи вели дека е оптимист оти до крајот на годината ќе се реши прашањето со празното столче во Уставен, откако судијката Дуковска беше принудена да замине. Пракса е Судскиот совет да заседава во среда, а до крајот на годината остануваат уште две среди како потенцијални термини за седница – ако за работен ден се смета и 31 декември.
Дали и кога ќе се разгледува темата, го прашавме лично претседателот на Судскиот совет.
„На седницата закажана за 24.12.2025 година на дневен ред е ставена пресудата на Управниот суд, таа ќе биде разгледана и на седницата Советот ќе донесе одлука. Во зависност од расправата во врска со пресудата на Управен суд, ќе се дискутира и за измени во Деловникот. Дилемата ќе се расчистува во точката каде ќе се разгледува пресудата, во секој случај или ќе се гласа за постојните кандидати или ќе се оди на измена на Деловникот и ќе биде објавен јавен повик“,
ни одговори тој.

На прашањето, што со барањето на судијката Дуковска за Судскиот совет да ја прогласи пресудата како неподобна за извршување и за тоа да го извести Управниот суд, Собранието и неа, Камбовски одговара:
Писменото барање на судијата Дуковска ќе биде повторно разгледано на работен состанок по што Судскиот совет ќе може да се произнесе.
Барањето случајот да се расчисти до крај се чини дека за Дуковска не е толку заради функцијата колку што е прашање на принцип.
„360 Степени“: Во случај да се оди со повторување на постапката за вас, дали повторно би ја изоделе цела таа постапка или втората варијанта, доколку се распише нов јавен повик, дали би се кандидирале повторно?
Дуковска: Не можам сега да кажам. Не можам. Фокусирана сум сега на друго, тоа е идно неизвесно нешто и не сум размислувала за тоа.
Местото кое се испразни по заминувањето на Елизабета Дуковска од позицијата уставна судијка не е тешко прашање само за Судскиот совет. Уставниот суд сега работи со седум од предвидените девет судии. Сè што се случуваше со фотелјата резервирана за предлог на Судскиот совет покажа дека на правораздавачите не им лесно да истераат правда и за себе.
