Главната опозициска партија, Прогресивна Словачка, повика на протести откако левичарската националистичка влада на премиерот Роберт Фицо минатата недела гласаше во парламентот за законски измени за укинување на Канцеларијата за заштита на свиркачите и промена на начинот на кој државата се справува со нив
Протести низ девет градови во Словачка се одржаа вчеравечер против промени во правосудството за кои опозициските политичари и критичарите на владата на премиерот Роберт Фицо тврдат дека го уништуваат владеењето на правото во земјата, како членка на Европската Унија, пренесува Ројтерс.

Демонстрантите се собраа на централниот плоштад во главниот град Братислава, а протести се одржаа и во осум други градови.
Скандираа пораки упатени до словачкиот премиер Фицо:
„Оставка, оставка“.
Главната опозициска партија, Прогресивна Словачка, повика на протести откако левичарската националистичка влада на премиерот Роберт Фицо минатата недела гласаше во парламентот за законски измени за укинување на Канцеларијата за заштита на свиркачите и промена на начинот на кој државата се справува со нив.
Покрај тоа, парламентот гласаше за забрана на користењето докази собрани од осомничени што соработувале со полицијата во замена за полесна казна. Според новите правила, таквите докази не можат да се користат дури и ако тоа лице дало лажна изјава во друг случај.
Михал Шимечка, претседател на опозициската партија Прогресивна Словачка се обрати пред демонстрантите и порача дека Словачка е единствената земја каде што владата донесува закони за да им го олесни животот на криминалците и мафијата.
Опозицијата тврди дека законските измени се направени со цел да им помогнат на луѓе блиски до Фицо, како што е заменик-претседателот на парламентот, Тибор Гашпар, кој треба да се соочи со судење по обвинение за основање криминална група.
Демонстрантите го повикаа словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој се смета за сојузник на Фицо, да стави вето на спорните закони.
Инаку, Пелегрини мора да ги потпише законите за да стапат во сила, но владата има доволно гласови во парламентот за да го поништи неговото вето.
Владата на Фицо тврди дека старата агенцијата за пријавување била политички злоупотребена, дека ги ослабнува кривичните закони за финансиски криминал и дека го реорганизира јавниот радиодифузен сервис.
Владата на Фицо се соочи со неколку големи протести откако дојде на власт во 2023 година. Вчерашниот протест е еден од поголемите.
На почетокот на годинава таму се одржаа протести поради политиките на премиерот Фицо за приближување кон Москва.
Критичарите на Фицо сметаат дека земјата под негово раководство оди по патот на Унгарија и тамошниот премиер Виктор Орбан.
