Во соопштението не се дадени дополнителни детали за локацијата или времето на инцидентот

Турција објави дека вчера соборила дрон што бил „надвор од контрола“ и се приближувал кон воздушниот простор на земјата над Црното Море.
Инцидентот се случил по нападот со беспилотни летала на Украина врз руската „флота во сенка“ во близина на турскиот брег и предупредувањето на турските политичари дека опасноста од војната во Украина се шири, пишува Асошиејтед прес.
Министерството во соопштението наведува дека борбените авиони „Ф-16“ се кренале во воздух откако бил откриен одреден објект.
„За да се избегне каква било потенцијална штета, тој бил соборен во безбедна зона надвор од населеното подрачје“,
се додава во соопштението.
Во соопштението не се дадени дополнителни детали за локацијата или времето на инцидентот.
Украина објави дека нејзините поморски беспилотни летала на 28 ноември погодиле два танкери во Црното Море, додека трет брод бил погоден на 2 декември додека се упатувал кон турското пристаниште Синоп.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди овие претходни напади како закана за „навигациската безбедност, животот и животната средина, особено во нашата ексклузивна зона“.
