Се прават анализи во насока договорот да обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО, кој го третира нападот врз една членка како напад врз сите
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е поблиску од кога било откако Вашингтон му понуди на Киев безбедносни гаранции по моделот на НАТО. Трамп, исто така, изрази увереност дека Москва ќе прифати таков договор, пренесува француски „Ле монд“.

Трамп посочи дека имал долги и добри разговори со својот украински колега Володимир Зеленски, како и со лидерите на НАТО и европските земји како што се Велика Британија, Франција и Германија.
„Се обидуваме да го разработиме тоа и мислам дека сега сме блиску. Имавме бројни разговори со претседателот Путин и мислам дека сега сме поблиску од кога било досега, па ќе видиме што можеме да направиме“,
им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
На прашањето дали неодамна разговарал директно со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп одговори потврдно, без да навлегува во детали.
За тоа каков поттик ќе има Украина за да се откаже од своја територија, Трамп одговори:
„Па, искрено, тие веќе изгубија територија“.
Според него, Европа, која повторно предложи испраќање мултинационални мировни сили и покрај руското противење, ќе биде голем дел од секоја безбедносна гаранција.
Експертите велат дека се прават анализи во насока договорот да обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО, кој го третира нападот врз една членка како напад врз сите.
Трамп претходно ја отфрли можноста за формално членство на Украина во НАТО, застанувајќи на страната на Русија и наведувајќи ги аспирациите на Киев како една од причините за инвазијата.
Во Берлин вчера се одржаа консултации меѓу претставници на Германија, Велика Британија и Франција за предлозите за завршување на војната, пред состанокот на Зеленски со лидерите на трите земји.
