Во најголемата земја на Латинска Америка, Бразил, потврдени се нови 17 110 случаи на ковид-19, со што вкупниот број на заразени лица во оваа земја сега изнесува 867 624, соопшти бразилското Министерство за здравство, јави Си-ен-ен.
Регистрирани се уште и нови 612 смртни случаи, со што вкупниот број сега изнесува 43 332.
Бразил е на второто место во светот според бројот на инфекции од коронавирус, но и на смртни случаи, по САД. Оваа земја, исто така, е една од ретките големи земји каде бројот на заразени и мртви од вирусот продолжува да расте и е најтешко погодена од пандемијата од сите земји во Латинска Америка.
Зад Бразил во Латинска Америка е Перу со над 200 000 заразени од кои 6 000 лица досега починаа.
Мексико се приближува до бројката од 150 000 заразени со коронавирусот, пренесуваат агенциите и додаваат дека мексиканското Министерство за здравство соопшти дека во земјата се потврдени уште 4.147 случаи на ковид-19 и дека од инфекцијата починаа уште 269 лица.
Со ова вкупниот број заразени во Мексико достигна 146 837, а вкупно починати се 17 141 лица, пренесуваат британските медиуми. Мексиканската влада соопшти дека вистинскиот број на заразени лица е веројатно значително поголем од официјалните бројки.
Повеќе од 50 000 случаи на коронавирус се потврдени и во Колумбија, додека соседниот Еквадор се приближува до таа бројка, додаваат британските медиуми. Колумбија соопшти за 50 939 случаи на коронавирус, а од инфекцијата починаа 1 667 луѓе.
Во Еквадор има повеќе од 46 700 заразени, а 3 896 лица веќе умреле. Пандемијата од Ковид-19 го преоптовари здравствениот систем на Еквадор и во некои случаи властите беа принудени привремено да ги чуваат телата на загинатите во ладилници.