Ситуацијата во САД е тензична особено што во текот на масовните протести против расизмот и полициската бруталност се случи уште едно убиство од страна на полицијата. Убиен беше дваесет и седумгодишен Афроамериканец во саботата навечер во Атланта, Џорџија.
Викендов, пак, демонстрантите во Сиетл, кои протестираат против полициското самоволие и бруталност, по убиството на Џорџ Флојд во Минеаполис, зазедоа неколку квартови во градот и прогласија „автономна зона“.
Американската јавност е вознемирена. Додека во повеќе градови низ земјата сè уште траат протести против расизмот и дискриминацијата на безбедносните служби кон црномурното население, се случи уште еден настан сличен на насилната смрт на Џорџ Флојд.
Станува збор за убиството на Рајшад Брукс (27), чија аутопсија укажа дека смртта настапила поради „истрели од пиштол во грб,“ кои предизвикале „повреди на органите и крвавење“.
Само еден час пред да биде убиен, Брукс едноставно заспал во својот автомобил на „драјв тру“ пред сендвичарница на „Вендис“. Вработените забележале автомобил со лице кое спие во него и пречел на пристапот на автомобилите на останатите муштерии при подигање на порачките, па повикале полиција.
По пристигање на местото, во првите минути комуникација меѓу полицијата и Брукс била нормална. Од видеокамери поставени на објектот се гледа како еден од полицајците го буди Брукс. Според сведоци, тој дури им покажал и фотографија од својата новородена ќерка.
Снимките покажуваат дека ситуацијата станала конфузна откако по направен тест за возење во алкохолизирана состојба, полицајците сакале да го уапсат Брукс, кој започнал да дава отпор и избегал. При што еден од полицајците грабнал електрошокер. При обидот да побегне, службеникот употребил електрошокер против осомничениот, но тој се свртел и сакал да употреби електрошокер против полицаецот, но сепак побегнал, по што бил застрелан.
Веста за смртта на Брукс во саботата вечерта крена на нозе илјадници луѓе по улиците на Атланта. Сендвичарницата „Вендис“, каде што се случи убиството, беше запалена, а демонстрантите блокираа и автопат. Ситуацијата во овој дел на градот е сè уште тензична.
Неколку демократски конгресмени повикаа на итни реформи на службата, а активистите бараат кратење и запирање на финансиите за полицијата.
Шефот на полицијата во Атланта си даде оставка, полицаецот што стрелаше во Брукс е отпуштен и се соочува со обвинение за убиство од прв степен. Јавниот обвинител на округот Фултон ја критикуваше реакцијата на службениците и изјави дека в среда се очекува одлуката за тоа какви ќе бидат обвиненијата.
Во меѓувреме, во Њујорк имаше протестна акција што се совпадна со демонстрациите на акциите на групите со поинаква сексуална ориентација – кои го слават јуни како месец на ЛГБТ-заедницата и маршираа против дискриминацијата.