Тој нагласи дека Македонија и Велика Британија имаат потпишано договор за инвестиции, соработка и проекти, без никаква обврска поврзана со мигранти
Јавноста може да биде спокојна и мирна, темата мигранти и азиланти е манипулативна политичка тема. До Македонија нема стигнато било какво барање или било каква тема не е наметната од Британија на тема мигранти, и дури кога би стигнало категорично би било отфрлено, изјави вечерва во емисијата „Само интервју“ потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.

Тој нагласи дека Македонија и Велика Британија имаат потпишано договор за инвестиции, соработка и проекти, без никаква обврска поврзана со мигранти.
„Македонија и Британија имаат потпишано договор за инвестиции, за соработка, за проекти и нема ниту од една страна наметнато тема којашто опфаќа мигранти. Ова е тема која што полесно може да се манипулира и мислам дека кај СДСМ, особено кај претседателот на СДСМ Венко Филипче, темата мигранти има двојна улога. Тој како претседател на СДСМ се соочува со свои партиски мигранти коишто бегаат во други политички опции, затоа што гледаат дека СДСМ ја губи влијателноста којашто ја имала пред 5 или 10 години, и сега го советуваат дека оваа тема можеби треба да ја искористи за покривање“,
рече Милошоски.
Тој информираше дека бројот на азиланти кои што имаат добиено статус на бегалци во Македонија е 14 лица, од кои девет се државјани на Косово, три на Конго и две на Сирија.
На прашањето, зошто Владата не ги демантирала објавите во британските медиуми, Милошоски посочи дека самата изјава на премерот во која тој тврди дека такво нешто нема има доволна тежина и е доволен демант.
