Со учеството на нашата земја во работата на Глобалната алијанса за борба против шверцувањето мигранти, како што се вели во соопштението на МВР, се нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер што придонесува кон европската и глобалната безбедност
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата за борба против шверцувањето мигранти, со што, како што информираат од ресорното министерство, се потврдува цврстата посветеност на земјата кон засилена превенција и поефикасен институционален одговор на шверцувањето мигранти.

Тоа, според МВР, претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер на глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Оваа потврда доаѓа на учеството на Тошковски на втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против шверцувањето мигранти, значаен светски форум што ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Со учеството на нашата земја во работата на Глобалната алијанса за борба против шверцувањето мигранти, како што се вели во соопштението на МВР, се нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер што придонесува кон европската и глобалната безбедност.
Во рамки на оваа конференција, тој оствари и билатерална средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер.
„Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управување од границите“,
велат од МВР.
На маргините на конференцијата тој се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерална директорка на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, со која разговарал за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Остварил и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви.
