Комитетот што ги координира земјоделските блокади најави нов состанок за сабота, на кој ќе се одлучува за следните чекори на протестите

Грчките земјоделци и денеска се очекува да го блокираат граничниот премин „Евзони“ („Богородица“) за влез и за излез од Грција кон Северна Македонија. Блокадата на сообраќајот е најавена од 12 до 16 часот и од 18 до 22 часот по локално време, при што целосно ќе биде во прекин, со исклучок на камионите што превезуваат грчки производи, пишува дописничката на МИА од Атина.
На граничниот премин „Евзони“ се паркирани над 300 трактори, а периодичните блокади траат веќе десет дена.
Протестите на земјоделците, кои започнаа на 30 ноември, се проширија низ цела Грција, каде што се поставени над 50 блока на автопатишта и локални патишта, што значително го отежнува сообраќајот.
Блокади се поставени и на други гранични премини „Ники“ („Меџитлија“) кон Северна Македонија, каде секојдневно се одлучува за времетраењето на прекинот, на „Промахноас“ и „Орменио“ кон Бугарија и на „Кипи“ кон Турција.
На граничните премини кон Бугарија и кон Турција забраната за сообраќај во моментов се однесува само на товарните возила.
Главниот блок на земјоделците е лоциран во Централна Грција, кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина. Сообраќајот на овој дел се пренасочува по споредни патишта. За денеска е најавен и протест во градот Волос и блокада на пристаништето.
Комитетот што ги координира земјоделските блокади најави нов состанок за сабота, на кој ќе се одлучува за следните чекори на протестите.
Земјоделците протестираат поради зголемени трошоци за производство, ниски откупни цени за нивните производи, скандалот поврзан со европските земјоделски субвенции, а бараат и исплата на заостанати субвенции.
Вчера, обвинителот од Врховниот суд на Грција, Константинос Ѕавелас, побарал обвинителите во целата земја, со помош на полицијата, да интервенираат во случаите кога се вршат кривични дела што се гонат по службена должност во однос на земјоделските блокади и ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот.
