Бранителот на ексградоначалникот на Кочани во чиј мандат се случи трагедијата, Љупчо Папазов, во голем дел од своите воведни зборови се осврна на начелото на пресумпција на невиност, која, според него, треба да се почитува во однос на неговиот клиент. Обвинението го оцени како правно монтиран случај што теба да ги задоволи апетитите на дел од јавноста
Бранителите на поранешните градоначалници на Кочани Николчо Илиев и Љупчо Папазов, обвинети за пожарот во „Пулс“, одговорноста за трагедијата ја лоцираа кај државните органи и институции, кои, како што рекоа, се надлежни за утврдување пропусти во објектот, а не нивните клиенти.

Бранителот на Илиев, адвокатот Синиша Станковиќ, рече дека од она што како теорија го дава Обвинителството е невозможно да се утврди врз основа на кои докази се темели обвинението.
„На ваков начин наместо Обвинителството да ја докажува вината на Николчо Илиев, тој е принуден да ја докажува својата невиност“,
рече адвокатот Станковиќ.
Тој посочи дека неговиот клиент се товари за настан што се случил четири години по завршувањето на неговиот мандат (од 2017 до 2021 година). Додека бил градоначалник, пак, како што кажа неговиот бранител, никогаш не дошол во контакт со документи за објектот и никој никогаш не го известил за кабарето.
„Немал никакви контакти ниту со сопственикот на кабарето, ниту со сопствениците на објектот каде што тоа се наоѓало. Од листата на докази ќе докажеме дека Николчо Илиев нема никаква вина за пожарот“,
рече адвокатот.
Бранителот на ексградоначалникот на Кочани во чиј мандат се случи трагедијата, Љупчо Папазов, во голем дел од своите воведни зборови се осврна на начелото на презумција на невиност, која, според него, треба да се почитува во однос на неговиот клиент. Обвинението го оцени како правно монтиран случај што теба да ги задоволи апетитите на дел од јавноста.
„Барањето за одмазда од страна на дел од јавноста е недозволено. Емоциите се опасни и можат да ја зголемат болката. Отстапувањето од начелото на пресумпција на невиност е опасно. Но, тоа не значи дека не сум за правда. Барањето да се почитува пресумпцијата на невиност и барањето правда се две страни на иста паричка. Неправедна осуда на невин човек е нова трагедија”,
рече адвокатот Миле Лефков.
Според него, Папазов е обвинет само затоа што во одреден период ја извршувал функцијата градоначаник. Аргументирајќи ја својата теорија, тој праша дали на тој начин се прави обид да се скрие нефункционалноста на системот.
„Правдата е универзална и неселективна, правдата е за секого и му припаѓа секому. Преку овој предмет му се суди на целиот систем, но одговорноста треба да биде индивидуална. Обвинетиот Папазов не презел никакви дејствија за предизвикување на пожарот. Обврската била кај надлежните органи. Тој зависел од надлежните државни и општински институции бидејќи градоначалничката функција е организациска, а не стручно-инспекциска”,
рече адвокатот Лефков.
Во дополнување на воведниот говор, обвинетиот Папазов рече дека досега не сакал да зборува за да не ја попречува истрагата. Наведе дека се што можел да направи за време на трагедијата е да ја мобилизира и да ја стави на располагање целата администрација на истрагата. Другата работа што ја направил е поднесувањето оставка иа морални причини.
„Ќе имаме можност да зборуваме кога ќе ги истакнеме доказите во текот на судењето. Само сакам да констатирам дека во оваа судница ќе бидат изнесени многу аргументи и факти кои можеби нема да се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор дека сме на вистинскиот пат кон утврдување на вистината”,
рече ексградоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, во чиј мандат се случи трагедијата.
