Екипата на ,,360 степени” ја изврши задачата во доцните вечерни и раните утрински часови – кога има малку сообраќај и пешаци
Погледнете ги резултатите од нашето теренско истражување во видеото подолу
По 15 години најави, во понеделникот конечно почна да работи системот за автоматско казнување на прекршоци во сообраќајот. Иако засега е само пробно, првите бројки доволно говорат за задачата што ја има новиот систем.
„Некаде отприлика околу 110 000 прекршоци се констатирани само во првите 24 часа, само за Скопје, што е катастрофална бројка“,
рече Тошковски.
Но, првите денови ги отворија и првите дилеми кај возачите. Па решивме и самите да го тестираме „Сејф сити“. Намерно избравме тестот да го започнеме околу 23 часот. Тогаш ем нема многу возила во Скопје, ем сме повидливи за камерите на „Сејф сити“.
Прво тестиравме возењето со брзина поголема од дозволената од 50 километри на час. По еден од најшироките булевари во градот возевме малку побрзо од дозволеното за да откриеме – кој е минимумот на кој ќе не фатат камерите.
Возејќи од Центар кон Ѓорче Петров, поминавме со брзина меѓу 50 и 60 километри на час низ неколку крстосници со семафори на кои има камери. Ниту една не не фати. Токму кога помисливме дека камерите и не работат баш најдобро, пристигна првата опомена.
Во пораката, во детали е објаснето кога, каде и каков е прекршокот направен од наша страна. Казната не доведе до заклучокот дека сите камери немаат можност да казнуваат за брзо возење, бидејќи 60 километри на час возевме и под други камери. Во нашиот случај дознавме дека камерата на мостот „Обединети нации“ дефинитивно е со намена да го бележи токму тој прекршок.

Втори по бројност меѓу опомените кои деновиве им стигнаа на скопјани се за поминување на црвено светло. Па, тестиравме во кои се ситуации софтверот регистрира прекршок.
На раскрсницата помеѓу „Партизанска“ и „Рузвелтова“, како први во колоната возила кои чекаа на црвено светло, намерно ја прегазивме линијата за запирање, па и мал дел од зебрата за пешаци, се разбира во моменот кога немаше ниту еден пешак.

„Сејф сити“ не го регистрираше ова како прекршок. Потоа, со намера, поминавме на жолто светло. И за овој прекршок, не добивме никаква опомена. А, велиме прекршок, затоа што според Законот за безбедност во сообраќајот:
жолто светло – забрана на минување, освен за возилата кои во моментот кога ќе се појави жолто светло се наоѓаат на таква оддалеченост од светлосниот знак што не можат на безбеден начин да се запрат, а да не го поминат тој знак.
Како софтверот ќе знае дали возилото можело или не можело безбедно да застане на жолто светло, е прашање што го поставивме уште кога се менуваше законот.
„Системот секако ќе ги детектира и оние возила кои ќе поминуваат на жолто светло, а тоа дали возилото безбедно или небезбедно успеало да помине или да застане ќе си може самиот граѓанин да си го докаже во постапка пред надлежниот суд“,
рече началникот на Секторот за сообраќајни работи, Арсовска-Манов во мај годинава.
Ние направивме уште еден обид да поминеме на жолто светло, овојпат со тест дали камерите ќе фатат уште еден дополнителен прекршок.

При обидот безбедно да поминеме на жолто, во последен момент сепак се вклучи црвеното светло на семафорот. Само по само неколку минути, пристигна нова опомена на нашата елкектронска пошта. Тестот ни покажа дека системот дели опомени само за минување на црвено светло. За минување на жолто светло и за прегазена линија за запирање на семафор – не. Барем засега.

Една од рак раните во сообраќајниот метеж во главниот град е проблемот со автомобили кои сопираат и „паркираат“ на коловозна лента. На булеварите е забрането секакво запирање, а не пак паркирање. Сепак, има неколку критични точки каде тоа е секојдневие. Затоа одлучивме да сопреме со вклучени трепкачи, за да тестираме дали камерите ќе го забележат овој прекршок и дали ќе не санкционира.
Автомобилот беше „паркиран“ подолго време. Откако не добиме казна во Центар, решивме да го повторивме тестот и во скопски Чаир. Попатно, на раскрсницата пред ТЦ Мавровка, симулиравме и друго сценарио, додека чекавме на црвено светло направивме смена на возачот. Не ни стигна казна, како што веројатно не им стигнала и на возачите со паркирани автомобили на „Цветан Димов“, кои буквално блокираа една од движечките ленти.

Па, решивме да се вратиме кај „Мавровка“, каде шансите камерите да не промашат беа помали. Се паркиравме на булеварот „Гоце Делчев“, но и по 10-на минути, ниту овде не добивме опомена.
Заклучокот од тестот ни е – иако МВР најави дека во првата фаза се казнува и непрописно паркирање, не е јасно ниту кои камери, ниту како софтверот го препознава овој прекршок.

Проверките на терен ни отворија повеќе прашања – кога и дали се регистрира минување на жолто, кои камери мерат брзина, а кои не, како се санкционира непрописно паркирање?
Тука е и фактот дека за сите прекршоци ни стигна само записник, а Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува дека на сопственикот на возилото со кое е сторен прекршок:
„Му се доставува и фотозапис со кој е документиран прекршокот“,
предвидуваат нацрт-измените на член 369-а од Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата.
Во неколкуте часа возење, што намерно, што ненамерно, самите направивме 15-тина прекршоци. Добивме опомени за само два. Тоа значи дека бројката од 100-тина илјади дневно е само делче од вистинската слика.
Сепак, сообраќајот вечерта кога тестиравме изгледаше поодмерен од стандардот. Како и возачите полека да навлегуваат во нова фаза на однесување на асфалтот.
