Според СДСМ, целосната документација, фактите и доказите за овој случај се веќе објавени и доставени до ДКСК, заедно со формална пријава од нивна страна

Опозициската СДСМ денеска јавно го повика новоизбраниот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, веднаш да го земе во работа случајот поврзан со корупциски скандал во висина од девет милиони евра, кој се однесува на договори доделени од Владата на Христијан Мицкоски.
Во соопштението испратено до медиумите, СДСМ истакнува дека справувањето со овој скандал треба да биде една од првите работни задачи на новиот шеф на антикорупциската комисија.
Според СДСМ, компанијата која ги добила тендерите е основана минатата година и располага со само двајца вработени, а вкупната вредност на тендерите изнесува девет милиони евра, средства обезбедени од буџетот на граѓаните.
Сите договори, велат од СДСМ, се добиени во исклучително краток период од само шест месеци во 2025 година.
„Вкупниот број на добиени тендери е 6 од кои 4 тендери се од Генералниот секретаријат на владата на Мицкоски, еден од ЕСМ и еден од Министерство за администрација“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Според СДСМ, целосната документација, фактите и доказите за овој случај се веќе објавени и доставени до ДКСК, заедно со формална пријава од нивна страна.
„Новиот шеф на ДКСК треба само да ги погледне, да ја прочита пријавата на СДСМ и да делува. Работата не е завршена!“,
се вели во соопштението.
Опозицискиот СДСМ пред два дена до ДКСК поднесе пријава во врска со наводите дека компанијата „Дигитал оне“, формирана со двајца вработени минатата година, за неколку месеци годинава добила државни тендери во вредност од речиси девет милиони евра.
Од СДСМ побараа ДКСК да отвори предмет за случајот, да спроведе постапка и да ги испита сите елементи.
Вчера, пак, од партијата го повикаа Јавното обвинителство да постапи во врска со наводите дека компанијата „Дигитал оне“ добила државни тендери во вредност од речиси девет милиони евра и рекоа дека не треба да молчи пред големиот корупциски скандал.
