Бугарскиот премиер, Росен Желјазков, иако го призна повлекувањето на буџетот, изјави дека нема да се повлече од функцијата
Масовните граѓански протести во Бугарија што почнаа како реакција на предлог-буџетот за 2026 година и за кратко време прераснаа во барање за итна оставка на Владата на премиерот Росен Желјазков и за предвремени парламентарни избори, продолжија и денеска доцна попладне.

Илјадници граѓани излегоа на улиците во Софија и во десетици градови низ земјата – Велико Трново, Пазарџик, Сливен, Разград, Видин, Варна, Пловдив, Бургас, Стара Загора, Добрич, Шумен, Русе, Ловеч и Благоевград, јавуваат бугарските медиуми, пренесе МИА.
Протестите, како што се наведува, се организирани спонтано преку социјалните мрежи и во повеќето случаи немаат формален организатор или партиска поддршка.
Демонстрантите извикуваат „Оставка“ и „Мафија“, а на транспарентите што ги носат граѓаните го изразуваат своето незадовлство со парки како „Буџетот во мрак – народот во гнев“ и „Бугарија е будна и нема да бега“.
Во Софија вечерва повторно се собраа стотици луѓе пред зградата на Министерскиот совет (Владата). Движењето во центарот не е запрено, но има засилено полициско присуство. Од општината потврдија дека не било поднесено барање за дозвола за протест, јави БТА.
Како директна последица на протестите, бугарскиот парламент денеска со мнозинство од 201 глас „за“ го прифати повлекувањето на трите буџетски закони – за државниот буџет, за здравствено осигурување (НЗОК) и за Државно социјално осигурување (ДОО) за 2026 година. Предлогот го поднесоа пратеници од ГЕРБ-СДС, БСП и „Има таков народ“. За повлекувањето гласаа 62 пратеници од ГЕРБ-СДС, 31 од ПП-ДБ, 33 од „Преродба, 25 од ДПС-Нов почеток и други, со што беше постигнат консензус од речиси сите политички групи. Владата сега треба да започне нова процедура за носење на буџетот за следната година.
Бугарскиот премиер, Росен Желјазков, иако го призна повлекувањето на буџетот, изјави дека нема да се повлече од функцијата.
„Немаме право да се повлечеме без буџет неколку недели пред влезот на Бугарија во еврозоната. Ќе абдицираме последни, но тоа не значи дека сме инаетчии – начинот на кој го покажуваме тоа е со признавање на грешката и повлекување на буџетот“,
рече вчера бугарскиот премиер.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев вчера побара оставка од владата и распишување предвремени парламентарни избори
„Оставката на Владата е неодложна. Предвремените избори се единствениот излез од кризата“,
рече тој.
Според него, протестите не се само за буџетот, туку се израз на длабоко незадоволство од целокупното владеење.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, денеска порача дека партијата е подготвена за предвремени избори доколку не се обезбеди стабилно мнозинство за нов буџет.
„Или застанете со ГЕРБ и заедно да изготвиме нов буџет или одиме на избори“,
напиша тој на Фејсбук.
Од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) најавија дека в петок ќе поднесат гласање недоверба на кабинетот на Желјазков.
За време на големиот протест во Софија на 1 декември вечерта, дојде до сериозни судири со полицијата пред седиштето на ДПС-Нов почеток. Полицијата пријави дека група млади луѓе фрлале камења, пиротехника и шишиња, превртувале контејнери и нападнале полициски возила.
Според последните информации, за нередите се осомничени 14 лица, од кои на 10 им е одреден притвор.
Обвинителството соопшти дека шестмина од уапсените имаат претходни криминални досиеја, при што двајца биле осудувани за возење под дејство на наркотици и за криумчарење мигранти.
