Увозот регулиран со долгорочни договори ќе биде целосно забранет од 1 јануари 2027 година за ЛНГ и од 30 септември 2027 година за природен гас. Овој краен рок би можел да биде продолжен најдоцна до 1 ноември 2027 година во зависност од исполнувањето на целите за полнење на складиштата за гас
Европскиот совет соопшти дека постигна договор со претставниците на Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година. Ова следи откако во октомври Советот на Европската Унија усвои нацрт-регулатива.
Договорот предвидува правно обврзувачка забрана за увоз на течен природен гас и гас за цевководи од Русија, со целосна забрана на крајот на 2026 година, односно од есента 2027 година.

Според Ларс Агард, дански министер за клима, енергија и комунални услуги, чија земја претседава со Советот на ЕУ, овој договор претставува голема победа за Унијата и цела Европа.
„Мораме да ставиме крај на зависноста на ЕУ од рускиот гас, а трајната забрана за неговиот увоз во ЕУ е голем чекор во вистинската насока. Многу сум задоволен и горд што успеавме толку брзо да постигнеме договор со Европскиот парламент. Тоа покажува дека сме посветени на зајакнување на нашата безбедност и зачувување на нашето снабдување со енергија“,
вели тој.
Со тоа, увозот на руски гас за цевководи и течен природен гас (ЛНГ) ќе биде забранет шест недели по стапувањето во сила на новата регулатива, а за постојните договори има преоден период. Така, регулативата предвидува целосна забрана за увозот што се врши врз основа на краткорочни договори за снабдување склучени пред 17 јуни 2025 година, да стапи во сила на 25 април 2026 година за ЛНГ и на 17 јуни 2026 година за природен гас.
Увозот регулиран со долгорочни договори ќе биде целосно забранет од 1 јануари 2027 година за ЛНГ и од 30 септември 2027 година за природен гас. Овој краен рок би можел да биде продолжен најдоцна до 1 ноември 2027 година во зависност од исполнувањето на целите за полнење на складиштата за гас.
Регулативата ги обврзува сите земји членки на ЕУ да ја известат Комисијата во рок од еден месец од нејзиното стапувањето во сила да имаат договори за снабдување со руски гас или национални законски забрани.
Постигнатиот договор сега ќе треба да биде одобрен од Европарламентот и од Советот на ЕУ, по што Регулативата ќе стапи во сила откако ќе биде објавена во Службениот весник на ЕУ.
Според најавите, Европскиот парламент ќе гласа за нејзино усвојување за време на пленарната седница што треба да се одржи од 15 до 18 декември.
Учеството на рускиот гас во увозот на ЕУ е 12 отсто во октомври годинава, што е значително намалување од околу 45 отсто пред почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Како што пренесува Ројтерс, Унгарија, Франција и Белгија остануваат меѓу земјите членки што продолжуваат да увезуваат руски гас.
