„Ќе бидат разгледани сите предлози поднесени од социјалните партнери, партиите и опозицијата. Ќе направиме сè што е потребно за да се осигураме дека дебатата за буџетот е консензуална. Гласовите на работодавачите и синдикатите мора да бидат слушнати, со цел да се гарантираат правата на секој граѓанин“, порача бугарскиот премиер Росен Жељазков
Премиерот на Бугарија, Росен Жељазков, објави дека владата поднела предлог за повлекување на предлог-законот за буџетот за 2026 година од Народното собрание за да обезбеди поширок консензус.

Потегот уследи по синоќешните масовни протести во Софија и неколку други града во Бугарија на кои граѓаните го изразија незадоволствтото од носењето на буџетот за следната година.
„Ќе бидат разгледани сите предлози поднесени од социјалните партнери, партиите и опозицијата. Ќе направиме сè што е потребно за да се осигураме дека дебатата за буџетот е консензуална. Гласовите на работодавачите и синдикатите мора да бидат слушнати, со цел да се гарантираат правата на секој граѓанин“,
изјави бугарскиот премиер.
По одлуката на парламентот, владиниот кабинет ќе започне нова буџетска постапка.
Во врска со протестите, Жељазков го нагласи нивниот социјален карактер.
„Ова е видлив протест на млади луѓе кои сме должни да ги слушнеме. Организаторите на протестот немаат никаква врска со провокаторите кои се обидоа да предизвикаат судири со полицијата. Протестот не беше партиски, и покрај фактот дека одредени политички формации се обидуваат да го искористат“,
додаде Жељазков.
По синоќешните протести, бугарскиот претседател Румен Радев повика владата на Бугарија да поднесе оставка, а во земјата да се одржат предвремени парламентарни избори оти Бугарите ѝ рекле „не“ на актуелната власт.
