Посетата следува по состанокот во неделата во Флорида меѓу американски претставници и украинската делегација, каде што се соопшти дека е постигнат напредок, но дека сè уште постои значителна работа во преговорите
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и зетот на Трамп, советникот Џаред Кушнер, денеска во Москва ќе разговараат со рускиот претседател Владимир Путин за можен начин за завршување на војната во Украина, пренесува Ројтерс.

Трамп постојано уверува дека сака да ја заврши војната во Украина, но неговите досегашни напори, вклучително и самитот со Путин во Алјаска во август, сè уште не донесоа мир.
Мировниот план на САД од 28 точки што се појави минатата недела предизвика загриженост кај украинските и европските претставници. Европските сили потоа презентираа контрапредлог за мир, а на разговорите во Женева, САД и Украина објавија дека создале ажурирана и подобрена мировна рамка за завршување на војната.
Путин рече дека досегашните разговори не се однесувале на нацрт-договорот за мир, туку на збир предлози, за кои минатата недела рече дека можат да бидат основа за идни договори.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најави дека средбата меѓу Виткоф со Путин ќе се одржи денеска попладне.
Посетата следува по состанокот во неделата во Флорида меѓу американски претставници и украинската делегација, каде што се соопшти дека е постигнат напредок, но дека сè уште постои значителна работа во преговорите.
Руските воени сили синоќа соопштија дека ги зазеле украинските градови Покровск и Вовчанск на фронтовската линија.
Американските претставници изјавија дека повеќе од 1,2 милион луѓе се убиени или ранети во војната.
Ниту Украина ниту Русија не ги откриваат своите загуби.
