Судијата за извршување санкции од Основниот суд во Гостивар потврди дека претходно добил барање за одложување на издржувањето на казната затоа што Белули бил хоспитализиран во петокот, на 28 ноември, а за денеска му била закажа операција за кила на тестиси
Случајот се најде во фокусот на јавноста откако Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој, како и Белули е осуден на 10 години затвор, не се појави во „Идризово“ за издржување на казната. Тој е во бегство и по него е распишана потерница
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кој е осуден на 10-годишна затворска казна за трагедијата кај Ласкарци, добил ново одложување на терминот кога треба да отпочне со издржувањето на казната во скопскиот затвор „Идризово“.

Имено, Белули, кој претходно двапати успеа да го добие одложување на издржувањето на казната, денеска требаше да се појави во најголемиот затвор во државата. Но, наместо во „Идризово“, тој се наоѓа во Клиничката болница во Тетово на операција.
Судијата за извршување санкции од Основниот суд Гостивар, Кирко Михајловски, за „Телма“ потврдил дека претходно добил барање за одложување на издржувањето на казната затоа што Белули бил хоспитализиран во петокот, на 28 ноември, а за денеска му била закажа операција за кила на тестиси.
Судијата во телефонски разговор потврдил дека денеска претпладне лично бил во болницата во Тетово, каде што зел изјава од докторот што треба да го изврши хируршкиот зафат. Тој рекол и дека лично го видел Белули на болнички кревет.
Михајлоски потврдил дека одобрил одложување на терминот за почеток на издржување на казната за 15 дена. Новиот термин кога Белули треба да почне со издржување на казната е 17 декември.
Ова е третпат како Белули го одложува одењето во затвор поради здравствени причини.
Случајот се најде во фокусот на јавноста откако Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој, како и Белули е осуден на 10 години затвор, не се појави во „Идризово“ за издржување на казната. Тој е во бегство и по него е распишана потерница.
Претходно и тој поради операција на кила на тестиси го одлагаше издржувањето на затворската казна.

За потсетување, Апелацискиот суд Скопје во мај годинава ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и донесе мериторна одлука со која на дел од осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци од пред шест години им ги зголеми затворските казни, што Кривичниот суд им ги одреди со првостепената пресуда.

Меѓу обвинетите кои добија повисока казна е и Дурмиш Белули, сопственикот на фирмата „Дурмо турс“, чиј автобус на 13 февруари 2019 година излета од коловозот, при што загинаа 16 патници, а 38 беа повредени.
Според одлуката што Апелација ја објави на 8 мај годинава, казната од четири години затвор, што Кривичен му ја изрече на Белули, Апелација ја зголеми повеќе од двојно, односно на 10 години. На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, кој претходно беше осуден на шест години затвори, Апелација, исто така, му ја зголеми казната на 10 години.
Двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, наместо првостепените пет, од Апелација беа осудени на по седум години затвор.
Казните на третиот вработен во станицата за технички преглед Јане Боваровски и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски остануваат исти – пет, односно 14 години затвор.
