Според Меџити, нема да има реконструкција, туку пополнување на местата и вели дека тие се финализираат

Изет Меџити, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН и актуелен градоначалник на Општина Чаир, денеска ги потврди кадровските решенија што ќе ги понудат за испразнетите министерски места.
Меџити потврди дека поранешниот владин портпарол Мухамед Хоџа ќе биде нов министер за животна средина и просторно планирање.
За позицијата прв вицепремиер е предвиден актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство, Беким Сали. Меџити потенцира дека останува само да се дефинира со кое министерство Сали ќе раководи.
„Нема да има реконструкција, но ќе има главно пополнување на местата. Тие се финализираат. Она што е познато е дека Беким Сали ќе биде прв вицепремиер и треба деновиве да се дефинира кој друг ресор ќе го покрива. А министер за екологија ќе биде Мухамед Хоџа“,
изјави Меџити.
Прашан за информациите што се шират во јавноста околу тоа дека Башким Бакиу ќе го замени министерот за здравство Азир Алиу, Меџити нагласи дека за сите детали околу евентуални смени на министри на одредени ресори дополнително ќе информираат.
Во однос на претстојните повторени локални избори во четири општини, а кои се закажани за 11 јануари следната година, Меџити соопшти дека коалицијата ВЛЕН ќе ги бара гласовите на граѓаните во општините Гостивар и Врапчиште со нови кандидати за градоначалници.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека имињата на новите министри од коалицијата ВЛЕН, кои треба да ги пополнат испразнетите позиции во Владата, ќе бидат познати на почетокот на следната недела.
Тој потврди дека нема да има промени во распределбата на ресорите и дека политичките партии од коалицијата ВЛЕН ќе ги задржат портфолијата што ги имаа досега.
