Донатор на опремата е Сојузот на Лајонс клубови Д132 Македонија, чии членови, во духот на нивниот слоган „Каде што има потреба, таму има и лајонси“, вчера им го предадоа апаратот на вработените во кочанската болница, која опслужува поширок регион во источниот дел на државата
Кочанската општа болница како донација доби нов современ апарат кој треба да помогне во лекувањето и рехабилитацијата на тешко повредените лица во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март годинава.

Станува збор за најсовремен електрохируршки генератор на јапонскиот производител на медицинска опрема „Олимпус“ (Olympus).
Донатор на опремата е Сојузот на Лајонс клубови Д132 Македонија, чии членови, во духот на нивниот слоган „Каде што има потреба, таму има и лајонси“, вчера го предадоа апаратот на вработените во кочанската болница, која опслужува поширок регион во источниот дел на државата.
Овој апарат, како што соопштија од Сојузот на Лајонс клубови, овозможува многу прецизни и минимално инвазивни интервенции, а се користи во секоја гранка на хирургијата – од општа хирургија, урологија и гинекологија до реконструктивни и специјализирани интервенции.
Апаратот ќе им овозможи на повредените во пожарот во „Пулс“ во следните фази да се лекуваат во Кочани, а на лекарите побезбедни, попрецизни и поефикасни хируршки интервенции.
Нив, посочуваат од Сојузот, ги има многу зашто болницата во Кочани згрижува голем број пациенти од овој дел на истокот – од Виница, Берово, Делчево и други градови.
На примопредавањето на опремата присуствуваа претставници на Лајонс клубови, како и претставници на кочанската здравствена установа.
„Ова е донација од срце, од нашите 30 клуба со околу 700 члена, а со исклучителна и несебична помош од Лајонс клубовите од Словенија Хрватска и Австралија и на компанијата ‘Некст медикал’. Ние сме волонтери, обични граѓани кои сакаат да дадат онолку колку што можат од себе за доброто на нашите сограѓани. Сигурна сум дека овој апарат ќе ви овозможи уште подобро да ги искористите вашите веќе докажани високи стручни перформанси на пациентите во Кочани, и не само во Кочани, туку и во регионот“,
изјави за ТВ 8 гувернерката на Лајонс Д132, Маја Костовска.
Директорката на кочанската болница Катерина Паниќ-Мирчовска на примопредавањето изјави оти се надева дека апаратот во иднина ќе им овозможи на лекарите во оваа здравствена установа да изведуваат посложени хируршки интервенции.

Од компанијата „Некст медикал“ истакнаа дека се работи за најсовремен уред што се користи во хирургијата и може да се користи во понатамошните интервенции кај повредените во „Пулс“.
„Овој модерен електорхируршки генератор, со висока технологија овозможува примена во сите области. Покрај во отворената хирургија, гинекологија, лапараскопија, се користи при други интервенции, како што се ендоскопските. Во однос на тоа што овој електрохируршки генератор би помогнал конкретно за пациентите што беа засегнати во пожарот во Кочани, овој електрохируршки генератор, кој е со автоматизирана енергија овозможува приспособување на енергијата според ткивото со цел точно и прецизно отстранување на оштетените делови кои понатаму ќе бидат погодни за трансплантација на нова кожа“,
изјави Жана Хаџи Поповска, регионален менаџер на „Некст медикал“ Скопје.
Поранешниот гувернер на Лајонс Д132 Македонија, Харалампи Коцев, во оваа пригода изјави дека по дознавањето за трагедијата во Кочани имале заедничка акција во Вуковар, во која членовите на Лајонс клубовите во Хрватска и Словенија финансиски ја помогнале набавката на овој апарат.
„Лајонсите во Бугарија даруваа крв, а лајонсите од Словенија и Хрватска финансиски го помогнаа овој проект заедно со членовите на нашите клубови. Така што голема благодарност до сите членови на Лајонс клубовите во Македонија, Хрватска, Словенија, а исто така да не ги заборавам и клубовите во Австралија кои исто така несебично донираа средства за овој апарат. Се надевам дека ќе послужи во рехабилитацијата и би сакале после некое време да добиеме информација какви се бенефититите од целата работа“,
рече Коцев.
Инаку, Лајонс клабс интернешнл (Lions Clubs International) е најголемата сервисна волонтерска организација во светот со над 1,4 милион членови во повеќе од 50 000 клуба низ 210 држави и географски региони во светот.
„Сојузот на Лајонс клубови – Д132 е дел од ова глобално семејство и веќе 28 години членовите посветено и волонтерски работат за подобрување на здравјето и благосостојбата, зајакнување на заедниците и поддршка на нашите сограѓани на кои им е потребна помош“,
се вели во соопштението од Сојузот.
