Сообраќајот не е во прекин, а возилата се пропуштаат по кратко задржување
Екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“ од утринава расчистуваат одрони на магистралниот пат А3 на делницата Делчево – Македонска Каменица, кај селото Очипала. Сообраќајот не е во прекин, а возилата се пропуштаат по кратко задржување додека трае расчистувањето.

Според информациите, одрони има и на други места вдолж магистралата, поради што на возачите им се препорачува да се движат внимателно и со приспособена брзина.
Покрај на оваа магистрала, Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информира дека одрони има и на патниот правец Отешево – Сирхан, поради што сообраќајот се одвива по една коловозна лента.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
