Според министерот, она што припаѓа на преговарачката маса се реформите за владеење на правото, политиките и функционирањето на институциите. Вели дека ако ја задржиме оваа разлика јасна, ги штитиме процесот на проширување и самопочитта на нашите општества
Македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат предмет на преговарање, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска Унија, кој се одржува во Стразбур.

„Кога прашањата за јазикот, идентитетот или националниот наратив се претвораат во формални услови во рамките на пристапниот процес, штетата оди подалеку од едно билатерално прашање. Тоа го оддалечува процесот од јасни, правни критериуми и го носи во сфера каде што ниту една земја кандидат не може да се чувствува целосно сигурно. Создава преседан што другите ќе бидат во искушение да го повторат и испраќа порака до јавноста дека нашиот идентитет е предмет на преговори. За нас, тоа не е така. Македонскиот јазик, идентитетот и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат предмет на преговарање. Она што припаѓа на преговарачката маса се реформите за владеење на правото, политиките и функционирањето на институциите. Ако ја задржиме оваа разлика јасна, ги штитиме процесот на проширување и самопочитта на нашите општества“,
рече Муцунски.
Во обраќањето пред членовите на Комитетот, министерот посочи дека годинава се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажа конзистентна определба за европската интеграција.
Според него, македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но неопходно е процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евроскептицизам.
Укажа дека државата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО сојузник.
Продолжената блокада од страна на Бугарија, како што рече, не ја штети само нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабнува стратегиските интереси на регионот.
„Успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив“,
кажа тој.
На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата. Повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека евентуалниот европесимизам може да се претвори во обновен европски оптимизам.
И министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се обрати на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет, осврнувајќи се на клучните приоритети на државата во европскиот процес и посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда.
