Министерот се осврна и на оценките од Извештајот на Европската комисија за 2025 година, при што посочи дека тој го потврдува континуираниот напредок на С Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се обрати на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет, кој се одржува во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур. Тој се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес и ја нагласи посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда.

Според него, земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија.
„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхагенските критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“,
рече Муртезани.
Посочи дека европскиот пат никогаш не бил далечна аспирација, туку отсекогаш претставувал секојдневна задача и дисциплиниран напор.
„Стразбур не е само град на институции. Тој е жива метафора за тоа што стана Европа. Простор каде што дијалогот ја замени поделбата и каде што идеалите го пронајдоа својот глас во институции кои се изградени за да опстојат. Во ваков амбиент, Европа не може да биде предмет на апстрактен говор. Тука се говори за одговорност, партнерство и храброст за реформи. Денеска, додека заседаваме во овој дом на демократијата, нè обединува истото убедување дека Европа е најсилна кога кога слуша, кога создава преку дијалог и уверување“,
кажа тој.
Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, како што додаде, му даде нова димензија на нашиот европски пат бидејќи претставува признание за она што е постигнато и покана за понатамошното продлабочување на напредокот.
Министерот се осврна и на оценките од Извештајот на Европската комисија за 2025 година, при што посочи дека тој го потврдува континуираниот напредок на С Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
„Во извештајот, исто така, се нагласува континуираната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика и се истакнува конструктивниот регионален придонес на земјата. Истовремено, Извештајот нè повикува да ги забрзаме реформите во областите каде што доследноста е од суштинско значење. Ние ја сфаќаме таа порака сериозно. Препораките од овогодишниот извештај, заедно со заклучоците од скринингот и експертските мисии, веќе се интегрирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и во нашата среднорочна буџетска рамка“,
кажа тој.
