Меѓу основците што побарале помош во Клиничкиот центар, како што дознава „360 степени“, е и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој учи во ова училиште. Синот на премиерот бил хоспитализиран два дена, но веќе е пуштен на домашно лекување

Двајца ученици од скопското основно училиште „Димо Хаџи Димов“ се хоспитализирани на Детската клиника, потврдува директорот на оваа здравствена установа, Реџеп Мемеди, во изјава за „360 степени“.
Според Мемеди, децата се во стабилна здравствена состојба, а биле примени со стомачни тегоби и со повраќање.
Директорот вели дека првите деца со слични симптоми побарале помош на клиниката синоќа.
„Синоќа за преглед дојдоа седум ученици од ова училиште. Пет деца беа пуштени, а две задржани на лекување. Од тие две деца денеска едно беше пуштено дома. Денеска, пак, дојде уште едно 11-годишно, дете кое е задржано на лекување“,
вели Мемеди.
Меѓу основците што побарале помош во Клиничкиот центар, како што дознава „360 степени“, е и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој учи во ова училиште. Синот на премиерот бил хоспитализиран два дена, но веќе е пуштен на домашно лекување.
Хоспитализацијата на децата доаѓа откако дел од основците се пожалија на стомачни тегоби и појавуваат симптоми на труење.
Инспекциски служби на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веднаш почнаа со вонреден инспекциски надзор во училиштето.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) ја затвори кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“. Директорот на ДЗСИ, доктор Кирил Лазов, вели дека освен затворање на кујната како потенцијален извор на зараза, наредени се вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето. Земени се мостри од работните површини, но директорот на ДЗСИ вели дека за детали ќе мора да се почекаат официјалните резултати.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, кажа дека се земени брисеви од раце, нос и од грло на вработени во училишната кујна, од работните површини, а земени се и мостри од храна и од водата.
Директорката на ИЈЗ додаде дека е во исчекување на екипата која е на терен за да се види на што укажуваат направените епидемиолошки анкети. Ако треба, како што рече Андоновска, ќе се работи и втора смена.
