Со истрагата на скопското Основно јавно обвинителство се опфатени поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски, ексдиректорите на Јавното претпријатие „Агро берза“ и на Агенцијата за стокови резерви, вешто лице и раководител во Агенција за стокови резерви
Основниот кривичен суд Скопје денеска потврди дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на скопското Основно јавно обвинителство, на петтемина осомничени за злоупотреби во Агенцијата за стокови резерви да им бидат определени мерки на претпазливост.

На осомничените им се одземени пасошите и им е определено редовно да се јавуваат во суд додека трае истрагата.
Со истрагата се опфатени поранешниот заменик-министер за земјоделство Трајан Димковски, ексдиректорите на Јавното претпријатие „Агро берза“ и на Агенцијата за стокови резерви, вешто лице и раководител во Агенција за стокови резерви.
Како што соопштија вчера од Јавното обвинителство, тие се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5, во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според Обвинителството, додека осомничените биле на функциите, бил направен отпис на поголемо количество меркантилна пченица и јачмен, а државниот буџет бил оштетен за 780 000 евра.
Како што информираа вчера од Обвинителството и од МВР, вешто лице кое било ангажирано како надворешен соработник изготвил вешт наод во кој внел невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите податоци и целокупната документација од Агенцијата за стоковни резерви Скопје и Јавното претпријатие „Агро берза“.
Наодот биле прифатен на седница на Влада, по што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1 500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29 112 000 денари или 473 365 евра.
Во моментот на отписот по цените по кои се набавувале пченицата и јачменот во 2022 година, нивната вредност изнесувала 48 000 000 денари или 780 487 евра, сума за која, според Обвинителството, бил оштетен државниот буџет.
Ексзаменик-министерот Димковски, двајцата поранешни директори и раководителот во Агенцијата за стокови резерви, Обвинителството ги товари дека не ја извршиле својата службена положба, односно не ја известиле Владата дека во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ – Скопје е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен, и доставиле неточни податоци и информации. Кусокот за кој тие поднеле податоци се однесувал на периодот од 2019 до 2021 година, иако занеле дека кусокот е за периодот од 2007 до 2019 година.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, од чии редови доаѓа Димковски, вчера ја оценија акцијата како политички монтиран процес на власта за да го тргне вниманието од случајот со злоупотреба на средства од ИПАРД-фондовите, за што во притвор заврши сега веќе поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, кој на функцијата беше поставен како кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
На реакцијата на СДСМ, пак, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде ги обвинија социјалдемократите дека продолжуваат да ги штитат „криминалците во сопствените редови“.
