Децата кои пројавиле симптоми се ученици од прво до петто одделение. Точниот број на засегнати ученици, како што изјави директорката на училиштето, Лела Николоска, е побаран од Институтот за јавно здравје за да се утврди колку деца пријавиле симптоми
Во меѓувреме, екипата на „360 степени“ од терен јавува дека голем број ученици од различни одделенија денеска се отсутни од настава. И оние што се дојдени, родителите и блиските си ги прибираат дома порано поради сомнежите за труење во училиштето
Инспекциски служби на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во моментов вршат вонреден инспекциски надзор во Основното општинско училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, Општина Карпош.

Контролата следува откако вчера попладне поголем број ученици од училиштето пројавиле стомачни тегоби.
„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање. По завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки“,
информираа денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во изјава за „360 степени“, директорката на „Димо Хаџи Димов“, Лела Николоска, потврди дека во моментов службите земаат примероци не само од училишната кујна, туку секаде во училиштето.
„Вчера попладне ученици помасовно пројавиле симптоми после ручекот. Меѓутоа, сега се земаат мостри за да се види што точно се случило и да знаеме која терминологија да ја употребиме – дали е вирус, дали е нешто бактериско или е труење“,
вели Николоска.

Децата кои пројавиле симптоми се ученици од прво до петто одделение. Точниот број на засегнати ученици, како што изјави Николоска, е побаран од ИЈЗ за да се утврди колку деца пријавиле симптоми.
На прашањето за бројката на отсутни ученици од наставата во текот на денешниот ден, директорката вели дека отсуството на учениците не може да се спореди со реалната состојбата бидејќи дел од учениците се превентивно задржани дома од своите родители, дел од претходно отсуствувале поради сипаници или бронхит.
„Од надлежните чекаме да видиме што ќе добиеме како насока за како понатаму да постапуваме“,
вели Николоска.
Во меѓувреме, екипата на „360 степени“ од терен јавува дека голем број ученици од различни одделенија денеска се отсутни од настава во ОУ „Димо Хаџи Димов“. И оние кои се дојдени, родителите и блиските си ги прибираат дома порано поради сомнежите за труење во училиштето.
Баба на ученичка во второ одделение за „360 степени“ вели дека дошла да си ја земе внуката порано, откако семејството дознало дека нејзина соученичка од вчера не се чувствува добро. Девојчето, наводно, пиело вода од училишниот тоалет, а храна од школото не конзумирало воопшто. Дел од ученици од деветто одделение, пак, ни кажаа дека во нивниот клас отсутни се повеќе од половина ученици.
Во меѓувреме од Општина Карпош потврдија дека во училиштето се присутни екипи од ИЈЗ кои ги преземаат потребните мерки, а по пристигнување на резултатите ќе бидат преземени понатамошни чекори.
