Претседателката нагласила дека борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавнообвинителските и судските
Фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување фемицид – системски одговор“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Таа, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, истакнала дека и покрај многубројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени.
Претседателката нагласила дека борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавнообвинителските и судските.
Сиљановска-Давкова посочила дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратиле и амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, како и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел свои обраќања имале Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, се додава во соопштението, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќи го и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа „Фемицид воч“ (Femicide Watch).
Сите учесници биле согласни дека покрај 16 дена активизам, потребен е секојдневен ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
