Според него, реално ова ќе го одолговлечи процесот за уште околу два месеци, односно до средината на јануари
Пропадна тендерот за изведувач на Универзалната сала во Скопје, соопшти денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на „Театарот Комедија“. Сепак, посочи дека се очекува идната недела тој одново да се распише.

Претходно објавениот тендер не помина, како што додаде министерот, поради поплака од единствениот изведувач во процесот.
„За жал, добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина, бидејќи имаше жалба или поплака во однос на изведувачот, кој беше единствениот изведувач. Според мене, проблемот не е суштински, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби, така што наредната недела повторно ќе го повториме тендерот за Универзална сала“,
рече тој.
Според него, ова ќе го одолговлечи процесот за уште околу два месеци, односно до средината на јануари.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има нова Универзална сала до 2027 година, кога Градот Скопје ќе го реализира проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, Љутков рече дека за новиот тендер ќе биде потребно помалку време отколку за претходниот.
„Сега постапката ќе трае малку пократко, бидејќи фазата во која го изработувавме тендерот траеше околу 15 до 20 дена. Сега за таа фаза нема повеќе забелешки, што значи дека веднаш ќе го распишеме тендерот кога ќе поминат десетте дена. Се надевам дека до средината на јануари ќе го имаме новиот изведувач“,
кажа министерот.
Во септември Љутков рече дека очекува на почетокот на октомври да започнат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе почне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“.
Таа треба да биде готова до крајот на 2027 година, со што во 2028 година ќе бидеме подготвени да ја започнеме реализацијата на програмата за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.
Во Универзалната сала избувна пожар во април минатата година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.
Почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска, работите се стопираа за околу две години.
Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.
