„Направивме огромен напредок и затоа сум голем оптимист во врска со можноста за постигнување договор во многу разумен временски рок, многу наскоро. Сè уште има работа што треба се заврши, но денес (23 ноември) отидовме многу подалеку во споредба со тоа каде бевме кога почнавме утрово, а особено во споредба со тоа каде бевме пред една недела“, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во врска со преговорите кажа оти „има сигнали“ кои укажуваат дека тимот на претседателот на САД, Доналд Трамп „ја слушнал Украина“
Преговарачите на Соединетите Американски Држави (САД) и Украина се согласиле за „ажурирана и рафинирана мировна рамка“ и продолжување со „интензивна“ работа на американскиот мировен план за ставање крај на војната меѓу Москва и Киев во наредните денови, соопштија претставници на двете земји, пренесоа светските медиуми.

Во заедничка изјава, објавена вчера, двете страни велат дека разговорите за планот на САД, што од викендот се одржуваат во Женева, Швајцарија, биле многу продуктивни.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека имало „огромен напредок“ во разговорите и во детализирање на делови од планот, кој Русија претпазливо го поздрави, додека одделни функционери во Киев, како и некои од европските сојузници на Укриана го оценуваат како премногу поволен за Кремљ, објави Би-би-си.
Рубио рече дека „сè уште има работа што треба да се направи“, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа оти „има сигнали“ кои укажуваат дека тимот на претседателот на САД, Доналд Трамп „ја слушнал Украина“.
Говорејќи пред новинарите доцна синоќа, Рубио изјави дека преговарачките тимови во Женева имале „многу добар ден“.
„Направивме огромен напредок и затоа сум голем оптимист во врска со можноста за постигнување договор во многу разумен временски рок, многу наскоро. Сè уште има работа што треба се заврши, но денес (23 ноември) отидовме многу подалеку во споредба со тоа каде бевме кога почнавме утрово, а особено во споредба со тоа каде бевме пред една недела“, изјави тој.
Американскиот државен секретар изјави дека главната цел била да се најде решение за отворени прашања во планот од 28 точки и дека вклучените страни во преговорите успеале да го постигнат тоа на „суштински начин“.
Сепак, највисокиот американски дипломат рече дека секој конечен договор ќе мора да биде договорен од украинскиот и американскиот претседател пред да може да се достави до Русија и дека сè уште има некои прашања за кои се преговара.
Позитивните извештаи за состанокот дојдоа неколку часа откако Трамп ги обвини украинските лидери дека покажуваат „нулта благодарност“ за напорите на САД за прекин на војната меѓу Русија и Украина.

Американскиот претседател, исто така, истакна дека Европа, каде што Киев има некои од своите најлојални сојузници, продолжува да купува нафта од Русија, енергентот на кој Москва во голема мера се потпира во финансирањето на војната против Украина.
Дел од медиумите објавија дека имале увид во алтернативен план за прекин на војната, изготвен од европските сојузници на Киев, предводени од Велика Британија, Франција и Германија. Британскиот национален сервис објави дека немал увид во таков документ, а американскиот државен секретар негираше дека имал информации оти постои алтернативен план.
Иако нацрт-планот поддржан од САД не е објавен во целост, изминатите денови протекоа детали од него.
Контроверзните одредби вклучуваат согласност на Украина да ги повлече трупите од делови од источниот регион Донецк што моментално се под нејзина контрола, како и меѓународно признавање на де факто руската контрола врз Донецк, соседниот регион Луганск и полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Планот, исто така, вклучува замрзнување на границите на јужните украински региони Херсон и Запорожје по должината на сегашните борбени линии. Дополнително, планот предвидува Украина да ја ограничи бројноста на својата војска на 600 000 лица, наместо сегашните околу 880 000 војници.
Нацртот, што е клучно, вклучува ветување Украина да не бара членство во НАТО. Наместо тоа, Киев би добил „безбедносни гаранции“, за кои засега не се познати деталите, но се наведува дека тие би се базирале на членот 5 од повелбата на НАТО.
Нацртот, исто така, сугерира дека Русија ќе биде „реинтегрирана во глобалната економија“, преку укинување на санкциите и преку покана повторно да се приклучи на групата Г7 најмоќни земји во светот, со што таа повторно ќе стане група Г8.
Трамп претходно ѝ даде рок на Украина до четврток (27 ноември) да се согласи со предлозите, иако подоцна рече дека нацртот не претставува „конечна понуда“ откако сојузниците на Украина ја изразија својата загриженост околу делови од планот.
Американскиот државен секретар за новинарите синоќа изјави дека е оптимист оти дека ќе се стигне до договор во разумен временски период, без разлика дали е тоа четврток или понеделник следната недела.
Пред да започнат разговорите во Женева, Рубио и Стејт департментот во своите изјави инсистираа дека планот е напишан од САД. Нивните изјави дојдоа откако група американски сенатори излегоа со тврдења дека нацрт-планот е всушност руски предлог, кој не го претставува ставот на администрацијата на Трамп.
Рубио ги отфрли ваквите наводи, велејќи дека нацрт-планот е напишан од САД со „влог“ од Москва и Киев, додека портпарол на Стејт департментот ги оцени тврдењата на дел од сенаторите за наводни разговори меѓу американскиот државен секретар и Москва, како „очигледно лажни“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали САД се отворени за идејата за обезбедување безбедносни гаранции, американскиот државен секретар рече дека нема намера да дискутира за детали, но додаде оти сите разбираат дека „дел од конечниот крај на оваа војна ќе бара Украина да се чувствува безбедно“.
„Тоа е очигледно нешто што треба да се дискутира и мислам дека постигнавме значителен напредок по тоа и во други точки“, рече Рубио.
