На новинарско прашање за можно проширување на Владата со партијата Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, Мицкоски беше дециден дека како влада имаат „историски високо мнозинство во парламентот, двотретинско, и во овој момент нема такво размислување“

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека кадровските решенија за општините и Владата ќе бидат познати на почетокот на идната недела, потенцирајќи дека нема да се чека партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски потврди дека прашањето за назначување на повереници во општините каде локалните избори не успеаја поради недостиг на цензус и ќе има повторено гласање, ќе биде решено идната недела.
„Во вторник, на владината седница, ќе биде точката за поверениците во општините“,
рече Мицкоски.
Во однос на пополнувањето на испразнетите министерски позиции, на местото на министрите од коалицијата ВЛЕН кои заминаа на локални функции, Мицкоски најави брзо дејствување.
„Имињата на новите министри би требало да бидат објавени на почетокот на идната недела“,
рече Мицкоски.
Тој потврди дека Владата ќе ги заврши овие формалности пред партиските активности.
„Потоа имаме план на активности што планираме да ги правиме и внатрепартиски и потоа со институциите“,
одговори премиерот.
На новинарско прашање за можно проширување на Владата со партијата Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, Мицкоски беше дециден дека како влада имаат „историски високо мнозинство во парламентот, двотретинско, и во овој момент нема такво размислување“.
Според Мицкоски, погрешна е тезата дека има потреба од обезбедување дополнителни шест пратеници од немнозинските заедници за донесување на реформските закони, за кои е потребно Бадентерово мнозинство.
Мицкоски смета дека ако законите се навистина реформски, поддржани од Европската и од Венецијанската комисија, сите пратеници треба да ги поддржат без условувања.
„Погрешна е таа теза. Ако се тие реформски закони, тогаш не гледам причина зошто пратениците во парламентот на кои ’им е полна устата со Европа’, не би поддржале реформски закони. Тука не треба да има уценување и политикантство“,
додаде тој.
Тој потенцира дека оваа влада се однесува космополитски и доколку носи антиевропски, антиреформски или етноцентрични закони, тогаш би ја прифатил тезата дека Бадентер е алатка за спречување такво однесување.
