Според владејачката коалиција, со ваквите случувања се докажува дека НАИ функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците
Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), влегува во фаза на неизбежно распаѓање. Ова денеска го соопштија од владејачката коалиција ВЛЕН откако вчеравечер крилото на партијата Алијанса за Албанците, под раководство на Зијадин Села, информира оти ја напушта коалицијата НАИ и оти отсега ќе дејствува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе бидат независна група.

„Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Лога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда“,
се вели во соопштението од владејачката коалиција.
Според ВЛЕН, со ваквите случувања се докажува дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
„Додека НАИ се распаѓа дел по дел, граѓаните и важните политички личности се враќаат таму каде што има стабилност, сериозност и вистинска перспектива. ВЛЕН останува единствената консолидирана сила, со програма, со визија и со јасна структура за градење држава“,
соопштија од ВЛЕН.
Крилото на партијата Алијанса за Албанците под раководство на Зијадин Села вчеравечер соопшти оти ја напушта коалицијата НАИ, предводена од ДУИ.
Централното претседателство на партијата одлучи отсега да дејствува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе бидат независна група.
Инаку, повлекувањето од коалицијата НАИ, Села го најави во телевизиско интервју, кога постави и три услови за неговата АА да биде дел од Владата.
Поранешниот министер за правда од редовите на Алијансата за Албанците (АА), Кренар Лога, пред една недела објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што досега ги извршувал во партијата. Вели дека одлуката не била лесна, но дека е донесена по подолг период на анализа.
Според него, како член на Алијанса за Албанците имал чест да ја извршува функцијата генерален секретар, а подоцна и потпретседател на партијата, за што изрази благодарност до партиското членство, активистите на АА, а благодарност упати и до гласачите на „Европскиот фронт“, односно „Националната алијанса за интеграција“.
