По многу перипетии, новиот учебник по Македонски јазик за VII одделение бил одобрен десетина дена пред почетокот на тековната учебна година. Оттогаш, професорот на Филолошкиот факултет при УКИМ, Симон Саздов, алармира дека седмооделенците учат од учебник со грешки од различни јазични рамништа. Повиканите сметаат дека посочените грешки не го намалуваат квалитетот на Ракописот. Треба ли и можно ли е да се повлече учебникот? Погледнете го видеото во продолжение
Ова е учебникот по македонски јазик за седмо одделение. Достапен е и онлајн. Автор е Лилјана Јовановска, наставничка од Кочани. Уште на првата страница пишува дека е одобрен на 22 август, непосредно пред отпочнувањето на учебната година. Оттогаш до денес, непрекинати се реакциите на професорот на Филолошкиот факултет при УКИМ, Симон Саздов, кој алармира дека седмооделенците учат од учебник со грешки од различни јазични рамништа. Како прв пример, ја наведува лекцијата за безлични реченици.
„Еве на пример, овде имате ‘Те боли ли раката?’, ‘Ме боли стомакот’. И еднава и другава реченица не се безлични затоа што имаат подмет. Во ‘Те боли ли раката?’, раката е подмет, во ‘Ме боли стомакот“, стомакот е подметот. Така што, имате божем примери за реченици без подмет, а практично се со подмет“,
вели Саздов.

Нашол и правописни грешки.
„Кај лично-предметните заменки може да забележиме дека на неколку места неопределената лична предметна заменка ‘кој било’ е напишана неправописно, ‘кој-било’, еве ја на уште едно место, а би требало да биде, нели, разделено. Веројатно авторката се префрлила на ова што е кај ‘којгоде’, ама ‘којгоде’ е нешто сосема друго, таму имате постфикс“,
вели тој.
Професорот Саздов вели дека во учебникот се вметнати и содржини што не би требало да бидат во него, но дека и таму повторно се греши.
Овде и без тоа да го предвидува програмата, авторката вметнува зборови со двојно акцентирање, при што, да биде иронијата поголема, дава четири примери. Од тие четири примери ниту еден пример не е со двојно акцентирање. Конкретно станува збор за билет, балкон, букет и решо.
360֯: Можат ли овие зборови поинаку да се акцентираат?
Не можат според македонскиот правопис.

Учебникот, според професорот Саздов, потфрла и од визуелен аспект.
Ја имате значи илустрацијата „една жаба, две жаби“ – крајно несоодветна за седмо одделение, и имате „Подобро е да видам една жаба, отколку две жаби“.

Поради ограниченото време за оваа сторија, професорот се задржа на овие примери. Но, на социјалните мрежи и на онлајн-медиумите посочува и на други промашени лекции. На темата јавно е објавена и реакција од родител, кој забележува што во лекција за штетни информации има „кју-ар“ код, кој води до вест на интернет-портал која се однесува на српската фолк-пејачка Снежана Ѓуришиќ.

„Општествено е поразително ова што ни се случува. Мене лично да бидам искрен, на некој начин многу ме изненади несоодветната реакција на наставниците. Меѓутоа, нели просто немаме ние некој поширок одглас, а тие се тие коишто веќе сериозно да речам два месеци го користат. Меѓутоа се плашам дека сум во право кога помислувам дека се толку апатични, толку немаат нели желба да истераат некаква правда, да се изборат за подобри услови за работа, што мислам дека тоа е главна последица на тоа“,
вели Саздов.
За наводите на професорот Саздов, ја консултиравме лекторката на „360 степени“, Љупка Евроска, инаку магистер по македонистика, која го потврди тоа на што укажува тој.
А, учебникот, освен авторот, го виделе и тројца рецензенти. Наведени се и уредник и лектор и со таква содржина е испечатен во тираж од 14 000 примероци, кои ги користат седмооделенците. Како е можно?
Во текот на летото, власта во повеќе наврати уверуваше дека учебната година ќе започне со учебници по сите предмети. Во позадина навистина сe работело.
Конкретно, Конкурсот за учебници во основно образование бил распишан на 30 јануари и со одложување траел до 17 април. За учебник по македонски јазик за седмо одделение пристигнале шест апликации. Целата документација ја проверила Комисијата за шифрирање и проверка формирана од Педагошката служба, по што, три учебници под шифра се пуштени на разгледување во Бирото за развој на образованието и до Резензентската комисија. Три биле одбиени.
Меѓу одбиените е и ракопис чиј коавтор е универзитетскиот професорот Симон Саздов. Дисквалификуван е зашто Саздов бил член на Националната комисија за учебници, но тој тврди дека се изземал пред да конкурира.
Ние сите имавме обврска да дадеме изјава за тоа дека ги исполнуваме условите. Јас таа обврска под морална и кривична одговорност нели ја имам потпишано и секако сум ги исполнувал условите во моментот кога е конкурирано.
360: Можно ли е да сте пристрасен во анализата на учебникот кој е избран?
Не. Мислам дека нели за жал далеку е тоа од некаква пристрасност затоа што, нели, секој може тие материјални грешки да ги согледа и да оцени впрочем дали држат или не.

Назад на постапката за избор, од трите учебници кои влегле во потесен круг, Бирото за развој на образованието во мај дало позитивно мислење само за учебникот на Лилјана Јовановска. Во јули, Националната комисија за учебници формирала Рецензентска комисија која истиот месец одговорила дека учебникот е делумно усогласен и дека треба да се коригира. По коригирањето, Рецензентската комисија повторно го проверила и на 8 август сепак дала негативно мислење за учебникот.
Но, Националната комисија за учебници оценила дека негативното стручно мислење не е потпишано од тројцата членови и не содржи стручна анализа туку само констатација во една реченица. Затоа, известителот на Националната комисија предложил да се распушти Рецензентската комисија.
На 18 август формиран е нов стручен тим од три лица. По внесување на нивните забелешки, тие дале конечно мислење дека учебникот е соодветен за наставната програма по Македонски јазик за VII одделение. На 22 август, само 4 дена откако е формирана втората комисија, учебникот добил одобрување и од Националната комисија која едногласно го прифатила предлогот на известителот.
Имињата на рецензентите се наведени и во учебникот. Ги прашавме, како е можно да има вакви грешки, особено што станува збор за мајчин јазик? Дали можеби рецензијата е избрзана само за да се стигне до почетокот на учебна година?
„Во лекцијата посветена на Безличните реченици се дадени многу соодветни примери во врска со овој вид реченици, приспособени на возраста на учениците, а во врска со примерите: ‘Те боли ли раката’ и ‘Ме боли стомакот’, постои конгруенција од формален аспект: стомакот е место на вршење на дејството, формално прикажан како подмет, но не и од семантички аспект – семантички е сигнализиран носителот на состојбата како логички субјект, а тоа е човекот, изразен со кратката заменска форма. Ваквите синтаксички конструкции ќе станат предмет на анализа за учениците во погорните одделенија, согласно различните јазични теории. Што се однесува на лично-предметната заменка кој било (напишана со цртичка: кој-било), сметаме дека станува збор за техничка грешка, превид, бидејќи на сите други места низ ракописот е напишана правилно (без цртичка: кој било). Во однос на двојното акцентирање на туѓите зборови (билет, балкон, букет,решо), не гледаме зошто не би можеле да имаат двоен акцент, имајќи го предвид фактот дека јазикот е жива материја, дека добар дел од зборовите од туѓо потекло се наоѓаат во постојан процес на приспособување кон македонскиот акцентски систем. Во најновото издание на Правописот на македонскиот јазик не се наведени овие зборови, но тоа не значи дека списокот (од неколку збора) е конечен и исцрпен. Всушност, авторката се повикала на постарото издание на Правописот, на учебникот Македонски јазик за средното образование од група автори, но и на јазичната пракса, бидејќи посочените зборови постојано ги слушаме двојно акцентирани“,
се вели во одговорот од Стручниот тим за вреднување на ракописот по Македонски јазик за VII одделение.
Оттаму напоменуваат дека постојат механизми за утврдување на квалитетот на ракописот, а во вреднувањето тие ги следеле и правните насоки.
„Стручниот тим пристапи кон анализа на ракописот што како единствен добил позитивно мислење од Бирото за развој на образованието и постапи според законските регулативи при проценка на ракописот, следејќи ги правните насоки. Беа земени предвид: стручноста во предметната област, стручноста во областа на учењето и наставата, инклузивноста, објективноста, поддршката на учењето и професионалната одговорност. Сите овие елементи придонесоа при проценката на Ракописот тој да биде предложен како учебник по предметот Македонски јазик за седмо одделение“,
велат оттаму.
Ја прашавме и Националната комисија, зошто е распуштена првичната Рецензентска комисија која укажала дека не е постапено по суштински забелешки и дала негативно мислење за учебникот? Зошто откако го разгледал нов стручен тим, ракописот повторно има грешки и дали тие биле занемарени под притисок на времето? Оттаму ни кажаа дека нашите прашања ќе бидат поставени на дневен ред на следната седница на Националната комисија, закажана за утре, по што ќе добиеме одговори.
Конечно, ја прашавме и авторката на учебникот дали чувствува одговорност што седмооделенците учат македонски јазик од учебник со грешки.
„Напоменувам дека во процесот на одобрување на учебникот рецензентските забелешки ги прифаќав и тие се имплементирани таму каде што биле упатени. Но исто така морам да напоменам дека овој учебник не може да има толку коректори колку што има професори кои гледаат на јазичниот проблем на свој начин. Доколку е потребно и биде побарано образложение од релевантните институции, можам аргументирано да потврдам сè што е наведено во учебникот. Сè што е напишано во учебникот има свој извор од книги чии автори се универзитетски професори“,
вели Лилјана Јовановска за „360 степени“.
И таа вели дека грешката за кој било, е техничка, како и дека двојно акцентирање со конкретните примери е присутно во сите граматики кои се користат, а кои таа како авторка ги консултирала.
„Жалам што дел од коментарите на социјалните мрежи се темелат на погрешни интерпретации и вадење реченици од контекст. Учебникот е усогласен со Наставната програма за 7 одд. и е напишан на современ начин и со соодветен приод во согласност со интересите на учениците. Во досегашната моја кариера сум имала над 1.000 седмоодделенци, оттаму сметам дека знам како да им пристапам во презентацијата на содржините кои треба да бидат научени во согласност со програмата. Дали чувствувам одговорност? Секако да, инаку немаше да седнам да пишувам учебник, ниту пак ќе сакав денес нешто да кажам. И за сè може да дискутираме, но без да се навредуваме“,
вели авторката.

Од Бирото за развој на образованието (БРО) велат дека дале позитивно мислење за учебникот оти нивната задача била да оценат дали тој е во корелацијaта со програмата. Директорката Милка Тримчевска вели дека досега не добиле никаква официјална реакција за конкретниот учебник.
Сепак, по наше укажување, таа разгледа дел од грешките на кои укажува професорот Саздов.
„Сите овие примери, велам, откако кај нас ќе помине од аспект на наша надлежност, понатаму стручни тимови, рецензентите и Националната комисија, да речам, ги детализираат. Додека излезе од печат учебникот, можно е да имало некаков пропуст, не велам не. Но, ова што ми го посочувате како примери, тоа не можам да ги доведам во материјални грешки коишто да речам го намалуваат квалитетот на учебникот. Но, од друга страна, пак, не ја исклучувам и можноста да има некоја техничка или печатна грешка“,
вели Милка Тримчевска, директорка на БРО.

За директорката не се спорни ниту илустрациите со една и две жаби ниту, пак, веста за фолк-пејачката Снежана Гуришиќ, која е спомната како пример за малинфорации во медиумите.
„Примерот е апсолутно според стандардите, веројатно дека е српска, а се извинувам, ако е Мајкл Џексон можеби? Но, примерот не навредува, примерот не дискриминира, што е важно тоа што ние го гледаме“,
додава таа.
Како што веќе спомнавме, по Бирото учебникот поминал и низ рецензентска комисија и крајно го одобрила Националната комисија за учебници, каде членуваат стручни лица од областа.
Директорот на Педагошката служба при Министерството за образование, Роберт Аџипетров, вели дека тие се одговорни за вршење на административните работи, а конечниот збор го имаат стручњаците. И верува во нив.
360: Дали можеби се брзало по секоја цена на 1 септември да имаме учебник?
Видете, роковите кога станува збор за учебна година се доста јасно и прецизно утврдени и се концизно дефинирани. Не можеме да излегуваме надвор од она што е како рок. 1 септември е старт секоја година на нова учебна година и она што учениците очекуваат да го имаат кога ќе се појават во училишните клупи е да имаат учебници.
360: Но, сепак, тој треба и да е квалитетен?
Точно, да. Министерството за образование и наука е посветено на тоа да ги исполни своите обврски, да ги учебниците достави. Во целост се согласувам дека е потребно и тие да бидат квалитетни. Затоа и законот предвидува, освен можност за одобрување, предвидува и можност за неодобрување на учебници. Така да, ете имаме и такви одлуки донесено. Не би именувал сега кои конкретно предмети, но имаме и такви одлуки, не би сменал сеа по кои предмети.
360: Мислите дека конкретниот учебник е квалитетен?
Сметам дека јавноста и оние коишто се стручни во областа на македонскиот јазик и литературата ќе го утврдат тоа и доколку утврдат дека има сериозни пропусти, законот предвидува и можност да истиот учебник биде и повлечен, што би се случило доколку, нели, грешките во него се доволно аргументирани и доволно издржани за да истиот биде повлечен.

Аџипетров вели дека ги прибираат сите информации. Доколку има соодветни забелешки, МОН може да формира стручни комисии кои ќе проверат дали навистина постои пропуст и ако постои – дали учебникот треба да се повлече.
