Кога ќе се спомне зборот дијагностика, за многумина прва асоцијација се прегледи на доктор, за други преглед на возилото на автомеханичар
Но, особено во развиените европски, а од скоро и во околните балкански економии, дијагностика сè почесто се поврзува и со бизнис. Во Македонија се прават обиди тоа да стане стандард во работењето на што поголем број домашни компании
Kамионче, силна волја и ентузијазам. Ова биле главните состојки на браќата Кристијан и Стефан Стефановски, кога го почнале својот бизнис во Градскиот парк во Скопје.
„Почнавме, не знаевме што правиме, буквално. Отидовме таму да продаваме сладолед без никакво предзнаење“,
вели Кристијан Стефановски – сосопственик и управител на „Скуп Артисан Џелато“.

Денес тие продаваат сладолед во теглички за по ресторани, сладолед во стиропор во супермаркети, сладолед за кетеринг на забави.
„Се додека работевме само за нас беше ОК. Кога почнавме да растеме и да се шириме и да продаваме надвор од нашите продавници, на некој начин почнаа работите да стануваат покомплицирани. Се отворија нови сегменти, нови предизвици каде што едноставно почнавме, на некој начин, да се плеткаме“,
додаде Стефановски.
Некој требало да даде „бизнис-дијагноза“ – каде грешат, а каде се добри, што да сменат, а со што да продолжат засилено – за поздрав бизнис.
„Зборуваме за потреби што компаниите ги имаат како одлуки што треба да ги носат за одредени стратешки инвестиции, компании што растат, но секако и компании што покрај растот се соочуваат со одредени проблеми, односно растат но имаат проблеми во профитабилност или ликвидност па осеќаат потреба за одредена бизнис-дијагностика односно да разберат што точно се случува во нивната компанија“,
смета Никола Деребанов – бизнис-советник во „Вириди“.
Бизнис-дијагностиката подразбира анализа на финансиското работење, производството, внатрешната организација и на други елементи на една фирма. Резултатот се предлози за намалување на трошоците, раст, освојување нови пазари.
„Го анализиравме пазарот, нивното опкружување и нормално нивниот потенцијал за раст, планови за извоз и нормално дискутиравме за нивните планови за стратешки инвестиции – кога да се направат, на кој начин“,
смета Деребанов.
Резултатите треба да се чувствуваат на подолг рок, но дел од советите веќе даваат плод.
„Очекувањата се – со оптимизација на трошоци и зголемување на продажни канали да успееме да го зголемиме годишниот промет, да ја зголемиме профитабилноста, како и да ја зголемиме ефикасноста во производството“,
вели Стефановски.
Кристијан и Стефан препорачуваат на бизнис-дијагностиката да не се гледа како на луксуз или непотребно трошење пари, туку како на инвестиција што на крајот носи резултати.
Куќен ред
Од фирма за управување со објекти во Скопје, како што едноставно објаснуваат, сè она што е ничие, а сечие во една зграда, е нивна грижа.
„Како услуга ја објаснувам и потрошената електрична енергија, ангажманот на лицата кои ја одржуваат хигиената, ангажманот на компаниите што ги одржуваат лифтовите, противпожарните централи, хидрантските инсталации, домофонските системи“,
вели Боро Цветковски – сопственик и управител на „Виртус Елијас“.

Компанијата работи 13 години. На почетокот имала тројца, а сега има 24 вработени. Од растот произлегле и нови потреби.
Затоа сопственикот стапил во контакт со надворешните консултанти Николина Крстаноска и Лазар Ѓуров.
„Користиме различни методи. Меѓутоа, генерално ги анализираме внатре процесите, ги анализираме документите, ги анализираме веќе постоечките процедури, правиме интервјуа со менаџментот и со вработените и имаме една опсервација тековна – како работат, што се случува итн.“,
вели Николина Крстаноска – бизнис-советничка во „Симбиотика“.
„На пример, воведовме координатор кој ги прима повиците и ги координира луѓето на терен. Тоа се одвивало, но многу поспонтано, одело сè преку него. Ние сега издвоивме дека има потреба од такво работно место. Плус на тоа работно место да има централизирана евиденција. Секој повик се запишува некаде. Точно се запишува кој се јавил, во колку часот се јавил, што е проблемот, на кого е пренесено и што е преземено“,
вели Лазар Ѓуров – бизнис-советник во „Симбиотика“.
Тоа е само една од воведените промени што веќе дале резултати.
„Далеку поорганизирано делуваме, работната атмосфера е многу поприемчива и квалитетот на услугите што ги даваме е во нагорна линија“,
додаде Цветковски.
Цветановски вели дека секој менаџер има своја визија, но треба да му верува и на независниот поглед и доследно да ги спроведуваат препораките.
Un croissant macédonien, s’il vous plaît
Мирис на печени слатки се шири кај гевгелиско Мрзенци. Компанијата што ги произведува постои три децении. Почнале како локален млин, а сега извезуваат на повеќе од 20 пазари, произведуваат и за големи ланци маркети, но и сопствени линии производи.
„Тоа што нè издвојува како организација е дека сме семеен проект. Нашата компанија секогаш била како нашето трето дете. Така имаме и растено“,
вели Татјана Танева-Новаковска – управителка на „Жито Пром“.

Како што секое дете расте, така пораснала и компанијата до стадиум во кој се појавила потреба од поинаков пристап, покрај искуството, интуицијата и досегашниот начин на работа.
„Многу е важно да имаш структура, бројчана поддршка за тие интуиции и искуство и тоа го направивме преку детална финансиска анализа на цени, профитабилност, трошоци. Токму од таа појдовна точка тргнавме да најдеме некој што ќе може да нè следи во тој процес и со кој ќе можеме да се поврземе, да развиеме релација на доверба за да стигнеме до детална слика каде се наоѓаме сега“,
смета Танева-Новаковска.
Неколкумесечниот процес на бизнис-дијагностика го спровел консултантот Благоја Милошевски. Тој смета дека така може да се постигнат одлични резултати во секој бизнис, особено кога компанијата е во недефинирана ситуација.
„Оваа бизнис-дијагностика најчесто се прави во момент кога компанијата планира да направи некоја посериозна инвестиција и пред да ја направи таа инвестиција да направи добра бизнис-дијагностика за да види како таа инвестиција понатаму ќе се одрази на постоечкиот бизнис, односно дали постоечкиот бизнис, со сегашниот стил и начин на работење, може да ја поддржи таа нова инвестиција“,
вели Благоја Милошевски – бизнис-советник во „Планум Консалтинг“.
Анализата почнала од финансиите и трошоците, што потоа го наметнало решението.
„Бидејќи компанијата има повеќе производни групи и повеќе организациски единици, се направи алокација односно распределба на трошоци со цел да се постигне подобрување на начинот на дефинирањето на цените за различните групи производи, но и за одделните производи“,
вели Милошевски.
Сите процеси во компанијата сега се олеснети и се носат одлуки базирани на сеопфатни информации.
„Многу ја подигнавме свесноста за начинот на работење и колку е важно да се има еден добар модел на финансиско планирање и менаџирање за да се носат одлуки во секојдневното работење“,
додаде Танева-Новаковска.
Меѓународно искуство
Славен Ќуриќ е меѓународен бизнис-советник од Хрватска кој во моментов е на менаџерска позиција во словенечка компанија. Вели дека најголемите компании и во светот и во регионот прифаќаат помош и земаат консултанти, па не би требало да им биде срам и на малите.
„Најчето луѓето во компанијата знаат што треба да се поправи, но тоа треба и да се направи. Тука е помошта што е потребна. Треба да се приоретизира. Веројатно има сто активности што може да се направат, но има десет што треба први да се направат. Тоа е тоа што треба да се идентификува“,
смета Славен Ќуриќ – бизнис-советник од Хрватска.

Успехот доаѓа кога консултантот вистински ќе почувствува дека негова цел е подобра и поуспешна компанија.
„Тоа е важно. Консултантот да не остане на нивото дека ова е само уште еден негов ангажман од десет, 15 или 20 дена, туку навистина да имаме некакво совпаѓање на интересите од страна на компанијата и од страна на консултантот“,
додаде Ќуриќ.
Тоа е големата слика. За компаниите што ние ги посетивме допрва следуваат првите чекори врз основа на првата бизнис-дијагностика. А со тоа и првите значајни резултати.

